Песна на Милена Лунеска: Ако имам ново утро



Автор: Милена Лунеска

НОВО УТРО

Ако имам ново УТРО,
ќе го зграпчам денот,
ќе ја соблечам тагава,
ќе ја измијам душава, ќе го исчистам срцево,
љубовта ќе ја пуштам низ телово
и на лице место, рециклажа на отровот.

Ако имам ново УТРО
со животот ќе склучам сојуз,
судбината да ми падне в раце.
Илјада амандмани,
закони и подзакони ќе донесам
без мнозинство, сама ќе ги спроведам,
држава во држава во мене ќе создадам!

Ако имам ново УТРО,
ќе направам забава,
ВИП гости, брендирани имиња,
црвен тепих за вистински пријатели.
Панделки и бели балони до небо,
музика од мои стихови,
луда журка со радоста!
Ако имам ново УТРО…