Милена Лунеска: Ситни души



Еј, ситни души,
облечени во тесен костум од љубомората,
закопчени со погрешно копче на омразата,
нашминкани и под кожата со лагата,
во туѓи чевли, со погрешни чекори,
по обичај, рака под рака со стравот од неуспехот,
во мракот, на интимен состанок со лажните намери,
ве молам,
не праќајте ги вашите лоши мисли
да ги покријат моите сонови!


…Од таму некаде, од ведро небо,
громови ќе ги пресретнат,
силни молњи ќе ги распарчат,
во прав и пепел,
назад ќе ви ги испратат,
опомена за лошото во вас
и потврда
дека и наивнодобрите како мене, се промениле,
горе, сојуз со храбрите склучиле,
јасна, црвена линија, ви подвлекле!

Еј, ситни души,
без темел изградени,
без кров за љубовта и среќата што животот ви ја дава,
без врата и прозорци на срцето,
без оџак за огнот на злобата што во крвта ви гори,
ве молам,
не праќајте ги вашите трње зборови,
како поздрав на моите сонови!


…од таму некаде, од небо со темни облаци,
светлина ќе ги осветли,
силно сонце ќе ги истопи,
во жешки капки,
назад ќе ви ги испрати,
да ве испечат, да ве изгорат,
да ве заболат и да ве научат,
на туѓа болка да сочувствувате,
на туѓа радост да се радувате!