Ќе те чекам, ќе те чекам… јас знам да бидам трпелива


Автор: Павлина Пејковска
Откако се раздели со новиот пријател, Горана се сврте наназад, лесна како да танцува. Вљубена. Со желба да го види повторно. Ама тој беше заминат. Погледна и во небото. Ѝ се причини како да се доближуваат облаците, како мека и нежна свилена постела на која ќе го положи своето вљубено срце. Таа се преобрази во мала насмевната ластовица. Полета…И слета на облачињата бели. На глас ја запеа химната на љубовта. Горе, високо на небото…само таа и Гаврил. Некој внатрешен трепет ѝ велеше дека и тој е горе, на некое синобело облаче и ја набљудува. Или пак чека нејзината песна да заврши за да може да ѝ ги погали крилцата, да ја дофати и да ја понесе во време кое не знае за заборав, во време каде што се вечни бакнежите, милувањата, прегратките и радоста. Беше пресреќна бидејќи нејзиното срце се отвори како црвените булки и почна да ја собира топлината на мечтите. Љубовта е најубавото чувство на овој свет. Среќна сум дека љубам едни очи, посини од ова отворено небо, длабоки како езерска вода од кои испливува мека и кротка душа. Гавриле, Гавриле мој, ти ме маѓепсуваш, ме крадеш, горам во копнеж да те видам повторно. Ќе те чекам, ќе те чекам…јас знам да бидам трпелива како задржана солза радосница.. Посака да е волшебник, за миг да го гушне сиот свет, да ги спои небото и земјата. Гласот ѝ играше во градите. Мораше да излезе надвор. Како песна. Брза како видра, се стрча накај дома. Таму ја чекаат две мали славејчиња. Симонида и Иван. Заедно ќе пееат. За љубовта, за радоста, за божјата добрина и за убавината на светот.. Ах, мора да се заборави сета тага што ја донел животот…