Драган Таневски: Погледни ја брат… Уште два чекора и твоја е. Твоја е целата.



Погледни ја брат. Погледни ја како забрзува кога ќе те здогледа. Измеркај ја од глава до петици. Гледаш? Се стокмила за тебе. Да ти биде најубава на свет. И на срцето дури стаила кармин. Душата и е радосна што те гледа, па таа радост и избликнува преку очите. Течна радост е тоа, како што некои ги нарекуваат – солзи радосници. Погледни ја брат. Трепери целата. Едвај чека да ти се изгуби во прегратките. Да ја зграпчиш со рачиштата и да викне пригушено – аххх. Да ти се втисне во телото, па преку порите и во душата да ти се напика. Во душата да ти се напика и да ти зачисти внатре се што ти се насобрале катрани и црнила. Така убаво да те зачисти однатре, па и ти да светнеш целиот. Како неа да светнеш и ти. Погледни ја брат… Уште два чекора и твоја е. Твоја е целата.


Автор: Драган Таневски