Долго очекуваните повратни вендинг машини конечно ја видоа светлината на денот и веќе од денеска граѓаните на Скопје можат да ги користат и да го одложуваат амбалажниот отпад во нив, а за возврат да добиваат „зелени поени” кои можат да ги искористат за купување производи од Веро, како и за плаќање на општински и јавни услуги.
Денеска, во Веро Центар-Скопје беше промовирана првата од трите вакви машини на територијата на Скопје, кои ќе работат со специјален систем и ќе доделуваат „зелени поени” на секој кој ќе го одложи својот отпад во нив. Преостанатите две машини се поставени на различни локации, исто така во маркети од ланецот Веро.
На промоцијата на првата вендинг машина поставена на територијата на главниот град, во трговскиот центар Веро Џамбо покрај претставници на Пакомак беа присутни и министерот за животна средина Насер Нуредини, деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски, амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер, австрискиот амбасадор д-р Георг Вуцас, директорот на Веро Супермаркети г. Петар Денковски, како и основачите на Пакомак. Пред присутните беше покажано како работат машините и како функционира системот со „зелени поени” – делот за кој новинарските екипи беа најљубопитни да дознаат како работи.
Видео: https://www.facebook.com/Pakomak.mk/posts/4132930443453350
Повратните вендинг машини беа развиени од страна на Пакомак, во соработка со ФЕИТ и Фондот за иновации. Како македонски производ направен според потребите на локалното население, повратните вендинг машини на Пакомак имаат пониска цена на производство и на одржување, додека истовремено придобивката од селектирањето преку нив претставува соодветна награда која ќе им го олесни животот на граѓаните и ќе ги поттикне да го селектираат отпадот почесто.
„Повратните вендинг машини се голем тренд во светот, особено во општествата каде се става поголем фокус на селектирањето и рециклирањето на отпадот. Меѓутоа, уникатноста на машините на Пакомак е во системот за повратни поени кои ги добива секој кој го одложува отпадот во нив, кои ние ги нарековме ‘зелени поени’. Во зависност од тоа колкава количина на отпад ќе одложите, толку поени ќе добиете, а потоа ќе може да ги искористите за плаќање сметки, јавни услуги или за шопинг. На граѓаните преку зелените поени им се враќа реална вредност на материјалот кој го селектираат, колку што би добиле секаде во светот. Ова не е класичен депозитен систем како во некои земји, каде граѓаните ги добиваат назад своите пари кои ги дале кога го купиле производот. Преку овој систем, стотина илјади евра би се вратиле на оние граѓани кои имаат совесен пристап кон селекција на отпадот”, изјави Филип Ивановски, генерален директор на Пакомак.
„Поставувањето на овие повратни вендинг машини даваат нова димензија на отпадот од пакување за сите нас како граѓани. Дадена ни е можност свесно да го селектираме отпад и да го одложуваме на соодветно место, од каде истиот низ процесот на рециклирање ќе се искористи како секундарна суровина и ќе добие нова употребна вредност. Со ваквите машини кои се тренд во светот, секој граѓанин има пристап и може да го одложи отпадот и додека пазарува, лесно се применува системот на кауција со што се стимулира поеколошко пакување и задолжителен поврат на амбалажата, а граѓаните добиваат финансиски поттик за одговорното однесување”, изјави министерот Нуредини.
Веро Супермаркети отсекогаш поддржувале проекти од општествена важност, и таа определба ќе продолжи и понатаму. Грижата за животната средина е обврска на сите нас, и секој треба да придонесе во рамките на своите можности, изјави г. Петар Денковски.
„Швајцарија активно ја поддржува Северна Македонија во борбата против климатските промени, и токму затоа уште од самиот почеток ја препознавме вредноста и важноста на проектот поставување вендинг машини. Сметаме дека можноста за селективно одложување на отпадот треба да биде подостапна за граѓаните, посебно во урбаните средини, а вендинг машините токму тоа го овозможуваат. Немаме друга алтернатива освен сите ние, со свој придонес да се приклучиме кон грижата за животната средина. Го поддржуваме овој проект, и истовремено ги повикуваме сите да ни се приклучат”, изјави амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер.