Успешно заврши и третиот фестивалски ден на музичкиот фестивал „АНДЕРФЕСТ“



Заврши музичкиот фестивал АНДЕРФЕСТ 2019. Третиот, воедно и последен фестивалски ден започна со својата програма во 16 часот а први настапија танчерите од студиото за танц Eat The Beat кои имаа одличен настап на кој нивните талентирани танчари ги презентираа своите вештини.


Следуваше настапот на музичкото училиште Гитара 5 при што талентираните ученици од ова училиште имаа одлични гитарски изведби.

Музичкото училиште Music House ни се претстави со својот бенд во кој настапуваат многу талентирани млади луѓе кои слободно може да кажеме дека се веќе спремни и за поголеми настапи.


Band Replay иако се претставија изведувајќи кавер верзии на неколку светски познати хитови сепак ја оддушевија публиката пред се со одличниот вокал и добрата инструментална изведба.

Следуваше настапот на Горазд Китановски попознат како Kenny The Heartist кој имаше многу интересен и поразличен настап кој беше спој од поезија која Горазд ја презентира преку рапување, а ако на ова се додаде и настапот на раперите Orange Groove кои испраќаа силни пораки преку својата музика а воедно и одлично ја анимираа присутната публика, може слободно да кажеме дека видовме нешто ново и интересно и уживавме во секој момент од нивната изведба..


Анастас Китановски продолжи во убава и опуштена атмосфера со својот дџ сет на кој слушнавме негови сопствени транс нумери како и транс нумери од други познати изведувачи.

Младите хард рокери Bad Obsession со моќна изведба на своите авторски песни како да ја подготвуваше публиката за она што следеше подоцна вечерта.

Одличните Zulu 3.4 имаа многу впечатлив настап со одлични авторски џез рок инструменталки и ги придобија симпатиите на сите присутни.

Со настапот на скопскиот бенд Minstrel’s Gallery продолжи прекрасната вечер проследена со прогресивниот арт звук на бендот и повторно нешто различно и поинакво ја раздвижи присутната публика.

Потоа настапија Soundedge кои многу потсетија на деведесетите години, но со современ звук. Бендот настапи со својот нов вокал кој одлично се вклопуваше со останатите членови на бендот.

Одличните блуз рокери The Mole Pack го затворија фестивалот и го направија тоа многу добро. Ги отсвиреа сите песни од нивниот деби албум Gambling Man но тоа не беше доволно за присутната публиката која воодешевена од нивниот настап ги повика на бис.

На крајот можеме да резимираме. Скопје доби нов фестивал, токму онаков каков што му требаше на градов. Три дена бевме присутни и можевме да уживаме во изведбите на преку 40 артисти, задоволството на публиката се чуствуваше насекаде а организаторите направија ова да биде настан за паметење.