НЕ за насилството врз жените



UNRIC, регионалниот информативен центар на ООН во Брисел со поддршка од UN Women, организацијата на жени при ООН, на 19 Октомври годинава во Брисел ги објави тројцата наградени на UN European Advertisement Competition, натпреварот за плакати на тема "НЕ за насилството врз жените".


Целта на овој натпревар е да се зголеми свесноста за овој проблем кој ја засегнува секоја трета жена ширум светот. Победничкиот плакат беше објавен во неколку европски весници на 25 Ноември, интернационаниот ден за елиминацијата на насилството против жените.

На овој конкурс биле пријавени околу 2700 плакати од претставници на 40 европски земји, но најсреќните биле данскиот дизајнер Trine Sejthen кој за својот плакат со слоган Насилството не е секогаш видливо (Violence is not always visible) освоил прво место од стручното жири, додека прво место од публиката добил уметникот  Gjoke Gojani од Косово за плакатот под наслов Treat me like a woman кој преку него кажува дека насилството против жените не е условено ниту од религиската, ниту од културната припадност.


Била доделена и награда за учесници под 25 години, а таа му припаднала на Raphaelle  Moreau од Франција за плакатот Words. Првонаградената Sejthen изјавува: "Сакам преку жената на овој плакат да дадам порака дека таа може да биде било која без разлика дали е богата или сиромашна. Тоа може да биде и вашата сестра, пријателка или некоја друга жена што седи до вас во автобусот.


За време на церемонијата за доделување на наградите Dagmar Schumacher, директорот на UN Women канцеларијата во Брисел изразува загриженост дека насилството против жените претставува глобална пандемија со алармантни пропорции кои немаат национални, социјални, економски, културни и религиски граници. Afsané Bassir-Pour пак, директорката на UNRIC го истакнува ентузијазмот со кој Европејците се вклучиле на овој натпревар велејќи дека целта да се скршат табуата и да се поттикне свесноста за овој проблем е реализирана со помош на креативната заедница на Европа, па затоа упатува голема благодарност до Европјаните потсетувајќи не на познатата "Една слика, илјада зборови".    


Останатите 28 плакати влезени во финалето кои се многу креативно изработени и кои на различен, но на многу ефектен начин носат една иста, болна, но реална порака, можете да ги  погледнете тука: