Филмови, дебати и велосипедска тура на „Вечерите на женски права“ во Скопје



Влијанието на турските серии во нашето општество, улогата на мажите на Балканот, стереотипите и соновите на жените за голема свадба и бајковит заеднички живот со вечна љубов, се само дел од темите на кои ќе дебатираат активисти за женски права и родова еднаквост, професори, студенти, аналитичари, преставници од институции, невладини организации, филмски режисери. Ќе бидат прикажани документарните филмови „Кисмет“,„Маската во која живееш“ и филмот „Среќни засекогаш“.


Шеста година по ред, Денот на жената се одбележува со проектот „Вечери на женски права“ која нуди културна алтернатива на традиционалното прославување на овој празник. Манифестацијата е под покровителство на Град Скопје и е плод на партнерството и заедничката соработка помеѓу администрацијата на градот, UN Woman, Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет и Универзитетот за аудио – визуелни уметности – ЕСРА. Вечерите за женски права имаат за цел, преку прикажување документарни филмови и организирање дебати на теми поврзани со родовата еднаквост и правата на жените, да поттикнат критичка мисла, размислување, дијалог и осврт на постоечките нееднаквости помеѓу мажите и жените во македонското општество.

Оваа година сите активности се во духот на одбележувањето на 20-ет годишнината од четвртата светска конференција за правата на жените во Пекинг и донесувањето на Пекингшката декларација и платформата за акција во 1995 година.


Страни: 1 2