Ако ги прашувате локалните жители на Крушево кој е најдобриот начин да се разгледа овој крај, повеќето би рекле дека уникатното крушевско искуство е прошетка пеш низ градот или пак обиколка на велосипед, за да можете одблизу да ги почувствувате сите негови убавини. Подобрената инфраструктура и обележувањето на нови 42 километри велосипедски патеки им нуди можност на сите авантуристи конечно да го доживеат Крушево на природниот начин.
Велосипедскиот туризам е во подем секаде во светот, а ние во Македонија ги имаме едни од најубавите места за ваков тип на разгледување. Крушево изобилува со места кои се вредни за посета. Од историски важни локации како манастирот „Трескавец“, преку националните обележја како споменикот „Македониум“ и спомен-куќата на Тоше Проески, па се’ до бујните шуми и платформите за булдеринг – Крушево има да понуди за секого по нешто.
По иницијатива на Општина Крушево, а под капата на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), околу Крушево се обележани нови 42 километри велосипедски патеки. Целта е градот и овој регион, освен што се препознатливи по параглајдерството и болдерингот, да се промовираат и како атрактивна дестинација за планински велосипедизам. Патеките обележани во и околу Крушево се со различен степен на тежина, што значи дека во нив уживање ќе најдат и искусните маунтајн-бајкери, но и аматерите велосипедисти кои сакаат само да го разгледаат овој крај на еден поинаков начин.
https://www.youtube.com/watch?v=vIn10FNJT5M
„Во Крушево гледам голем потенцијал за развој на планински велосипедизам. Имате многу убава природа, нашиот тим имаше непроспиени ноќи поради неограничните можности што ги видовме овде. Тука има секакви терени – рамни, стрмни, па и прекрасни полјани. Штом ќе почнат да доаѓаат повеќе луѓе за да ги користат, ќе се создаде и потреба за повеќе патеки“, изјави Ралф Неф, поранешен Олимпиец во планински велосипедизам.
Развојот на различни видови на туризам носи придобивки за целата земја, но најмногу им помага на регионите каде се наоѓаат туристичките места да добијат на релевантност и светот подобро да се запознае со нив. Со цел подобрување на условите и инфраструктурата покрај крушевските туристички атракции, преку Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше обезбеден грант со кој комплетно се реновираше спортската сала во Крушево и се изгради качувачка карпа за болдеринг во склопот на самата сала. Така, Крушево доби една поинаква и поатрактивна понуда која очекуваме да ги привлече домашните и странските туристи заинтересирани за алтернативниот вид на туризам во Македонија. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија и од Владата на Република Северна Македонија. Истиот го администрира Светска Банка и се спроведува од страна на Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции. Повеќе за Проектот дознајте на линкот: https://lrcp.mk.
Одбери аван(тура). Одбери го Крушево!