Летото само што започна, а топлите сончеви зраци ве повикуваат да излезете надвор и да го надополните времето за прошетки кое го изгубивте во изминатите месеци. А секоја излегување од дома, било да е таа во форма на неколкудневен одмор или едночасовна прошетка низ маалото, бара организација и планирање за тоа како правилно да се одложи отпадот кој се генерира во текот на активностите на отворено.
Чистата и здрава околина ни припаѓа на сите нам, но грижата за неа е исто така наша заедничка одговорност. Совесните постапки и едукацијата за еколошкиот бон-тон во голема мера ќе ви помогне да дознаете како да дадете придонес кон еко-каузата и да ја намалите количината на ѓубре која ја оставате зад вас. Оваа серија на еко-совети од Пакомак ќе ви помогне да научите како правилно да се ослободите од ѓубрето и како да бидете еколошки одговорен граѓанин.
Користете реупотребливи садови кога со себе носите храна и пијалаци
Едно од приоритетните правила на еколошкиот бон-тон е: „Колку помалку отпад создаваш, толку помалку отпад фрлаш“. Пред да излезете од дома размислете дали ќе ви биде потребна храна, закуска или пијалаци. Ако морате да понесете сендвичи за пикник во природа – ставете ги во пластичен сад наместо да ги виткате во алуминиумска фолија. Ако одите на прошетка во парк, ќе ви биде потребна вода за да му се спротивставите на топлото време. Користете реупотребливо шише кое е практично за носење и кое лесно ќе го дополнувате кога ќе се испразни.
Секогаш имајте со себе ќеси за отпад
При секое планирано подолго излегување од дома, не заборавајте да понесете ќеси за отпад. Без разлика дали одите на плажа или на планина, важно е да имате каде да го ставите отпадот додека не најдете соодветна канта за да го фрлите. За мали отпадоци обичните ќеси од маркет ќе ви завршат работа, но не е лошо со себе да имате и големи ќеси за отпад. Тие најчесто се уредно завиткани во ролна и зафаќаат малку простор, а собираат големи количини отпад и затоа се исклучително практични за вакви ситуации.
Побарајте го контејнерот на Пакомак за да го одложите ѓубрето
Колку и да се обидувате да не генерирате отпад, сепак ќе се наоѓате во ситуации каде морате да употребите производи во различни амбалажи (од стаклените тегли, лименки, картонски амбалажи, па се’ до пластичните шишиња). Тоа е отпад кој може да се рециклира и од него повторно да се произведат амбалажни продукти, но само ако се одложи правилно. Затоа, побарајте го најблискиот контејнер на Пакомак и во него одложете го амбалажниот отпад од стакло (зелен игло контејнер), лименки и пластика (жолт контејнер) или хартија (син контејнер).
Одложувај го отпадот паметно
Селектирањето на отпадот носи многу придобивки. Но, покрај глобалните бенефити кои го прават општеството позадоволно, а околината почиста, одложувањето на отпад може да донесе и индивидуални придобивки за секој еден човек кој се решава да рециклира. Таков е примерот со неодамна промовираните повратни вендинг машини (ПВМ), кои за секое одложено пластично шише или лименка ќе ги наградуваат граѓаните со „зелени поени“. Преку бесплатната мобилна апликација Екомак, граѓаните ќе можат да го скенираат QR кодот кој се појавува по одложувањето на отпадот, а кој ќе им додели „зелени поени“ во зависност од количината на одложен отпад. Овие „зелени поени“ потоа може да се искористат во маркетите како ваучери и замена за пари, за плаќање на јавни услуги и комунални трошоци и слично. Повратните вендинг машини се дел од поголем екосистем преку кој на граѓаните им се олеснува селективното одложување, а притоа преку „зелените поени“ тие добиваат и мотивација поактивно да се вклучат во процесот на одговорно одложување на отпадот.
Следејќи ги овие неколку совети, полесно ќе ги организирате се’ почестите авантури на отворено и ќе се погрижите отпадот да заврши онаму каде што треба. Притоа, со креирањето навика за постојана грижа за природата, ќе станете поодговорен и еколошки совесен граѓанин, што претставува клучна алка во развојот на свеста во општеството.