Петковска: Тој бакнеж кралски печат остави во Универзумот …



ПОД ЧАДОРОТ НА ВЕНЕРА


Нога пред нога,
на јаже од коноп
и во хармоничен ритам,
две поинте чевличиња
весело чекореа низ Млечниот пат.
Дур балерината во розов тул
на небото Божјо танцуваше,
во позадина оркестарот тивка мелодија везеше.
Три виолини и една флејта мала,
низ нотите си зборуваа,
со песна меѓусебно се заведуваа.
Низ музиката гласови се чуја,
во ист ритам,
на иста фрекфенција,
на еднаква бранова должина беа тие.
Мали ангели бели.
Црковен хор.
Во косите венци од маслинови гранчиња,
в рацете свеќи со млечна светлина,
грлата медни чучулиги.
Сини делфини на дожд од комети се капеа,
а на дождот балерината својата игра ја играше.
Среќна таа се вртеше и вртеше,
Ерос внимателно диригираше,
Купидон љубовни стрели фрлаше.
Од Големата Експлозија тој се роди,
срамежливо излезе од својата скривница,
зачекори кон балерината,
а во очите свои ѕвездена прашина носеше.
Та ја прилепи нејзината витка става до својата,
и по тактот на Ерос заиграа заедно
под чадорот на Венера.
Огнени метеори на парчиња се распрснаа,
огномети на небото сторија,
цела Галаксија прославуваше,
љубов голема се роди.
Од облак на облак скокаа,
Assemblé маестрално изведоа,
тој за неа Малиот Принц,
таа за него неговата црвена роза,
доволни еден со друг на својата малечка планета.
Се вртеа заедно во модро синиот бескрај,
ко прстенот на Сатурн.
Во раце ја крена,
и со сила на Бог на месечината ја качи,
таму лулашка и направи,
та ја залула нежно.
Балерината со поглед му зборуваше,
лицето со рака милно му го милуваше,
а тој сиот затрепери од среќа,
се наведна,
ја бакна,
А бакнежот врел…
Тој бакнеж кралски печат остави во Универзумот.

Автор: СОФИЈА ПЕТКОВСКА