Некои приказни мора да се раскажат: Приказната за Големиот Жаре



Автор: Драган Таневски


Жаре имаше големо срце. Толку големо што еден ден веќе не го собираше во неговите гради, па го напушти и одлета некаде горе во универзумот… веројатно да пополни некое празно место од некоја угасена ѕвезда. Не се чудете на ова и не прашувајте физичари. Тие ќе ви кажат дека тоа се глупости, но ние очевидците не бараме признание од незналици, нели? Жаре ја заврши својата приказна со писмо кое ќе ви го напишам попосле. Неговата приказна беше кратка ама интересна. Јас никогаш не сум ве лажел, ниту сум преувеличувал. Како што видов, така и ви раскажувам. Еве, нека сум додал две-три ситници, чисто за да ве вовлечам во приказната. Но другото е вистина. Ако не во овој, сигурно во некој паралелен универзум. Или пак на некоја осамена планета, каде допрва треба да научат да читаат и пишуваат. Ама Жаре ќе ги научи, не се грижете. Јас ќе ви раскажам сепак. Некои приказни мора да се раскажат. Дека, ако ние ги премолчиме, ќе испадне дека никогаш не се случиле. А се случиле. Или ќе се случат. Големите луѓе раскажуваат. Малите прикриваат. Па, еве ја приказната за Големиот Жаре.

Жаре беше дете со низок раст, искривен ‘рбетен столб, скоро упропастен вид, ослабен слух, отежнато дишење, и тешка мускулна дистрофија. Говорот му беше скоро неразбирлив. Но имаше прекрасна насмевка. И постојано ја користеше. Како да сакаше да ја проектира на сите оние тажни и намуртени лица на неговите врсници, наставници, роднини. Но, и покрај тоа што на мравка не згазнуваше, неговите врсници постојано го закачаа. Го малтретираа и му се потсмеваа. Некогаш ќе го турнеа, ќе се собереа во круг и ќе му се смееја додека долго се мачеше да застане на нозе. Но Жаре никогаш не им се налути. Секогаш им враќаше со насмевка. Беше одличен ученик. Ја сакаше поезијата и многу читаше. Пишуваше најубави состави. Неколку пати освојуваше награди на литературните натпревари. Се чинеше како да живее за да стекнува знаења. Уживаше и во успехот на другите соученици. Ќе плескаше гротескно со рацете и ќе испушташе пискав звук кога некој ќе направеше нешто вредно за пофалба. Но, ни тоа не ги омекна срцата на неговите врсници. Го избегнуваа, се гадеа од него и му го вртеа грбот кога ќе сакаше да се дружи со нив. Но Жаре и понатаму ги сакаше. Едноставно, немаше капацитет за злоба. Веројатно заради големината на срцето, тој некој таинствен орган што произведува злоба, кај него беше закржлавен. Жаре често се разболуваше. Неколку пати престануваше да дише и мораа да викаат брза помош. Но секогаш се враќаше. Насмеан од уво до уво. Му идеше да потрча и да си ги гушне врсниците од класот, но тие беа рамнодушни кон него. Не покажуваа ни трошка сочувство. Еден ден, Жаре се онесвести. Се гушеше. Викнаа брза помош и го однесоа. Го немаше долго време. Учениците почнаа да се потпрашуваат еден со друг да не знае некој што е со Жаре. Но никој не знаеше ништо. Тогаш, ја прашаа нивната наставничка да не слушнала нешто таа. Наставничката заплака. Едноставно не можеше да ги додржи солзите.


– Се чудев дали некогаш ќе ви текне да прашате што е со Жаре. Жаре е многу болен и ги живее последните денови. Неговите родители ми го дадоа неговото писмо, но според инструкциите на Жаре ме замолија да ви го прочитам само ако прашате за него. Што велите… да го прочитаме?

– Да, да прочитајте го, ве молиме – одговорија сложно учениците.


– Добро деца. Но, подгответе се добро, бидејќи ова не е обично писмо…
„Драги мои најсакани соученици. Јас, Жаре се спремам да патувам во земјата Фантазија. Но, пред да заминам, сакам само да ви раскажам нешто што не знаете за мене. Јас кога се родив, бев сосема обично бебе. Но, моите соништа не беа воопшто обични. Јас не сонував, туку патував во една чудна земја. Сонот ме носеше во крошната на едно чудно дрво, под кое се собираа едни лоши старици. Секоја вечер кроеа некои гадни планови, а јас ги прислушкував. Една вечер се договараа да ја удрат нашата убавица Лили со некоја болест и да и се искриви ‘рбетот. Тогаш јас скокнав од дрвото и им се развикав

– НЕ! Зарем Лили да биде грбава? Нема да го дозволам тоа! Еве, ако треба јас нека бидам грбав, само оставете ја Лили на мир. Тие грозно се насмеаа, ме допреа со едно стапче и ми го искривија ‘рбетот. Лили, те молам не ми се лути, ама тебе воопшто не би ти стоел добро крив грб. А мене баш некако ми личи, нели?
Потоа, една друга вечер, пак се најдов на истото дрво. Стариците се договараа на Пецко да му ги скратат нозете. Јас скокнав долу и им се развикав

– НЕ! Зарем на Пецко? Па како тогаш Пецко ќе игра фудбал? Како ќе дава голови со куси нозе? НЕ! Не ви дозволувам бабички. Еве, ако треба, моите нозе скратете ги.“ Тие се закикотеа и ме допреа со едно стапче и ОП нозете ми се скратија. Пецко, не ми се лути, важи? Јас и така и така не знам да давам голови, затоа ти прави го тоа место мене те молам.

Пак една вечер сонот ме однесе на тајното дрво. Стариците се договараа на Даре да му ги искриват рацете. Јас се исплашив и веднаш скокнав пред нив.

– НЕ! Бабички, не Даре! Тој толку добро игра одбојка. Кој ќе победува на државното првенство ако не игра Даре? НЕ! Тоа не можам да го дозволам. Еве, ако веќе мора, искривете ми ги рацете на мене, само оставете го Даре на мир. Тие не чекаа да им кажам два пати и веднаш ме допреа со стапчето. Затоа ми се такви криви рацете. Даре, немој да ми се лутиш, те молам. Ама јас не можам да замислам ти да имаш криви раце. Затоа, те молам победете на државното.
По неколку вечери, пак се најдов на дрвото. Стариците се договараа да ја разболат Мона со мускулна дистрофија. Јас веднаш скокнав и им реков:

– НЕ! Никако Мона. Таа е нашата балерина. Пред неа стојат безброј претстави. Луѓето се одушевени од грациозноста на Мона. Не смеете на неа тоа да и го направите! Еве, ако мора, мене дајте ми ја таа дистрофија.“ Стариците и овој пат ме послушаа и ме допреа со стапчето и ми ја дадоа болеста. Мона, не ми се лутиш, нели? Животот е пред тебе. Големата сцена те чека. Одиграј еден балет за мене те молам. Биди лебедот од лебедовото езеро. Јас никогаш немаше да научам како тебе да одиграм.
Пред неколку вечери, пак се најдов во крошната на дрвото. Стариците се договараа за една недела да и го сопрат срцето на мојата мала сестричка. Јас не можев тоа да го дозволам и скокнав пред нив.

– „НЕ! таа е толку малечка и не доживеала ни трошка од љубовта што стои насекаде околу неа. Ве молам, не и го сопирајте срцето, ве молам. Еве, ако мора некое срце да сопрете, нека биде моето. Тие се погледнаа, се насмејаа најгрозно што некогаш се насмеале досега и ми рекоа:

– За една недела ќе ти го запреме срцето штом така сакаш. Но кој ќе ги земе потоа на себе болестите што ги планираме за твоите другари?

– Ве молам бабички… се што планирате да им направите ним, направете ми го мене сега. Ехеее, уште цели седум дена додека срцето не ми запре… ќе понесам со мене се што можам за тоа време.
Тие се согласија, ме допреа со стапчето и тогаш се онесвестив. Веќе не гледам и не слушам ништо, полека го губам гласот и сосема сум неподвижен. Единствено што ми остана се допирите кои ги осеќам на моите раце и бакнежите на моето лице. И солзите на мојата мајка и сестричка ги чувствувам. Многу би сакал сите да ве поздравам и да ви кажам дека стариците веќе нема да ве допираат. Не ми се лутите, нели?“

Во класот настана штама. Лицата на децата беа подзинати и згрчени во болни гримаси. Наставничката седна како покосена, ги зари рацете во лицето, и почна силно да липа. Децата се бореа со грутките кои им им се заглавија во грлата, и еден по еден почнаа на глас да плачат. Неподносливата болка што ја чувствуваа во градите ги косеше како со меч. Скршени и засрамени ја замолија наставничката да ги однесе во болница кај Жаре. Кога стигнаа, Жаре беше уште жив. Соучениците влегуваа двајца по двајца во малата болничка соба и силно го прегрнуваа, топејќи го со горки солзи. Жаре ги препозна по допирите и бакнежите со кои тие го опсипуваа. Но гласот му беше одземен. Стариците планираа да му го одземат гласот на Бане „Павароти“, но Жаре не дозволи и спремно се откажа од својот глас. Дека Бане пееше толку убаво. Светот би бил во страшна загуба…

Жаре воопшто не заплака. Само се смееше. Насмевката не им ја даде на стариците. Дека, ако ја дадеше насмевката, што ќе му останеше?

Беше тоа седмиот ден.