Најбитни совети за прва менструација



Почитувани млади дами, добредојдовте во светот на жената! Бидејќи се соочувате со нешто ново, вашата прва менструација која се нарекува менарха и која во некои земји и свечено се прославува, еве неколку факти и совети кои сметаме дека ќе ви бидат корисни:   


1)      Не паничете. Тоа е нормална појава која го следи пубертетот и доаѓа токму на време кога вашиот организам е подготвен полово да созрева. Напротив, израдувајте се бидејќи тоа е знак дека сте способни да имате дете. Иако просекот меѓу тинејџерките е 12 години, секој индивидуално различно созрева, така што не се грижете доколку првата менструација кај вас дојде порано (11 години) или подоцна (13-14 години).

2)     Обично потребни се околу 2 години за да дојде до стабилизација на менструалниот циклус откога тој ќе почне регуларано да доаѓа, во просек на 28 дена, од првиот ден на претходната до првиот ден на следнатата (се бројат и деновите на крварење). Секако, и тука постојат индивидуални разлики, па затоа нормалниот опсег е  од 21 до 35 дена. Исто така, постојат разлики и во неговото траење и се движат од 3-7 дена. Првите денови менструацијата е пообилна, а како поминуваат деновите, таа ослабнува и ја менува бојата.


3)      Сигурно на почетокот ќе имате мало чувство на нелагодност поради користењето на влошки кои дотогаш не сте ги користеле, но верувајте дека многу брзо ќе се навикнете. Можно е во текот на циклусот да чувствувате и болки во стомакот, но не мора да значи. Исто така, понатаму ќе забележите и самите: како најава дека следат тие денови од месецот, се јавуваат телесни знаци како повеќе мозолчиња, почувствителни гради, болки во долниот дел од грбот како и раздразливост.

4)      На пазарот можете да најдете секакви видови влошки од најразлични произведувачи кои секако своите производи ги фалат како најдобри. Но, препорачано и од гинеколозите е да употребувате влошки направени од памук, а за поголема безбедност, препорачливо е да бидат со крилца. Одржувајте строга хигиена само со млака вода особено во овие денови од месецот, бидејќи и онака регијата е доста осетлива, а особено во овој период кога е доста подложна на инфекции. Затоа и не е препорачливо да се има полов однос во овој период.


5)      Во првите денови, менструцијата е пообилна, па потребно е почесто менување на влошките за да не дојде до појава на некоја непријатна дамка на вашата облека. Затоа водете сметка тие денови од месецот да не носите светла или бела облека и секогаш во вашата чанта да имате резервни влошки, па дури и резервна долна облека.

6)      Практикувајте да имате посебна долна облека за време на циклусот, која е поприкладна за убаво да се намести влошката, но и кој полесно се пере, бидејќи чест е случајот на пропуштање. Доколку се случи нешто такво, ви советуваме  дамките од крв веднаш да ги исперете со студена вода, бидејќи така најлесно се вадат. За да се чувствувате покомотно, можете да облечете и нешто што повеќе ќе ве стегне како на пример мидер, женски боксерки или пак уште еден пар гаќички.

7)      Веројатно веќе сте чуле дека наместо влошки, се употребуваат и тампони. Доколку сте се уште невини, не грижете се дека може да дојде до дефлорација (кинење на хименот), што инаку се случува при првиот сексуален однос. Постојат посебен тип на мини-тампони кои можете да ги користите во тој случај. Консултирајте се со вашиот гинеколог за да ви посочи токму такви и да ви објасни како да ги користите.

8)     Задолжително користете мало календарче специјално наменето за евиденција на вашиот месечен циклус, како не би ве изненадил на место и во време кога најмалку би требало. Исто така, за оваа намена може да го искористите reminder-от во вашиот мобилен телефон, кој ден или два однапред ќе ве потсети. Иако се надевавме дека со овие совети доста ви помогнавме и ви одговоривме на вашите можни прашања, доколку имате потреба,  не срамете се и зборувајте за ова ваше ново искуство со некој постар и поискусен, како вашата мајка, сестра, друга роднина или пријателка. Сега е вистинскиот момент (верувајте, не е прерано!) да го изберете и вашиот матичен гинеколог во кој имате доверба, а и да научите правилна употреба на кондом против забременување и против сексуално-преносливи инфекции (за секој случај!).