Интелигентните луѓе се конфликтни по природа. Тоа е затоа што во себе имаат повеќе извори на енергија кои постојано вријат како вулкани борејќи се за своите пет минути



Автор: Драган Таневски


Интелигенција. Најголем благослов. Најголемо проклетство. Интелигентните луѓе се конфликтни по природа. Тоа е затоа што во себе имаат повеќе извори на енергија кои постојано вријат како вулкани борејќи се за своите пет минути. Една од тие енергии е високо креативна, конструктивна и творечка. Не тера да истражуваме, да стекнуваме знаења, да градиме, да се занимаваме со уметност, да експериментираме во гаража, во кујна, во спална…

Друга е идеолошка, правдољубива и бунтовна. Не тера да си ги браниме ставовите, да мразиме неправда, да дигаме револуции. Трета е смирена и разумна. Постојано е во потрага по решение за сите оние проблеми кои не измачуваат и нас и човештвото. Најчесто не остава без сон заради грешките што сме ги направиле во текот на денот или во животот. Четвртата енергија е романтична и љубовна. Не тера да смислуваме начини како да им го направиме поубав животот на оние кои ги сакаме. Да измамиме насмевка на нивните лице. Да се избориме за оној нивни поглед кој без зборови ни кажува : „Луд сум по тебе“. На крај, во секој од нас постои и една деструктивна енергија. Најчесто е насочена кон нас самите, иако во одредени случаи може да го смени нишанот кон некој што на било каков начин ни го загорчува животот и постоењето. Нивото на поедина енергија во нас го дефинира и нашиот моментален карактер. Да не се разбереме погрешно… секој човек има едно од овие енергетски полиња кое е доминантно, но другите извори не седат мирни, па постојано се борат за внимание. Од таму потекнуваат сите оние внатрешни конфликти. Животот со ваквите луѓе никогаш не е досаден. Понекогаш знае да биде стресен, да. Но никогаш досаден. Овие луѓе не знаат што е права линија. Понекогаш знаат да го искомплицираат животот. Понекогаш да го направат толку едноставен. Ќе те доведат до лудило. Ќе те доведат до нирвана. Ќе ти ги скинат нервите за потоа да ти ги поврзат на поинаков, многу поинтересен начин. На крај ќе сфатиш – животот би бил бесмислен без нив.