Инспиративната биографија – „Живот на коцкa“ за Велибор Џаровски – Џаро, во вторник на Саем на книга



Издавачки центар „Три” со гордост го најавува објавувањето на биографијата за возбудливиот живот на менаџерот, Велибор Џаровски – Џаро – „Живот на коцкa”, волшебните мемоари, чиj автор е новинарката, Милица Џаровска. Книгата ја раскажува извонредната животна приказна на менаџерот, Велибор Џаровски – Џаро, човек, чија страст кон музиката и спортот го навела да работи со некои од најголемите ѕвезди од поранешна Југославија.


Од неговите скромни почетоци, во семејната куќа во населбата Ѓорче Петров, каде што живее и денес, до неговото издигнување како успешен менаџер, книгата ги носи читателите на возбудливо патување низ животот на Џаро. Со никогаш претходно кажани приказни и инсајдерски сознанија, мемоарите нудат фасцинантен поглед во светот на музиката и спортот во поранешна Југославија.

Најистакнати моменти во кариерата на Џаро, се дефинитивно неговите успешни соработки со некои од најголемите музички и спортски ѕвезди од регионот. Книгата детално ги прикажува предизвиците и триумфите на овие партнерства, откривајќи ги тајните зад успехот на Џаро.


 „Живот на коцка”е повеќе од само приказна за професионални достигнувања. Тоа е приказна за упорност, страст и моќ на решителност. Преку сопствените искуства, Џаро покажува дека со напорна работа и подготвеност да се ризикува, сѐ е возможно.

„Многу пати во јавноста сум ги споделувал моите приказни, но време беше да се стават и на хартија, тие и уште некои, кои досега ги немам кажано. Мојот „живот на коцка” не се однесува само на коцката, туку на начинот на кој го живеев во едно поинакво време, па затоа ѝ дозволив на ќерка ми да го стави токму овој наслов. Но, и денес, иако побавно се движам, знам да им кажам на помладите: „Јас имам проблем со ногата, немам проблем со главата”. Ве чекаме сите на Саем во вторник”, изјави Џаровски.


Биографијата се продава во сите книжарници на „Три” низ Македонија, а обожавателите на истакнатиот уметник, истата ќе можат да ја добијат со потпис, во вторник, 09.05.2023, на 35. Меѓународен Саем на книга во Арена – Борис Трајковски.