Болен е, ама на него душата му е болна. Нема лек. Ама денес животот му испиша лекција …



Стојам во аптека и чекам ред.
Пред мене една постара бабичка што пребројува пари за лековите, средовечен маж на кој видно му се брзаше и еден помлад брачен пар со две мали дечиња.
Им даваме сите предност на нив и додека таткото пребарува по џебовите и вади денар по денар, мајката бара некој ефтин лек за кашлица и температура и тест за бременост. На касата им кажуваат дека тие најефтините лекови и тестот ќе ги чинат дупло повеќе од тоа што имаат.
– “Ве молам, ќе може ли да ги земеме работиве. Да им даде жена ми на децата. Јас да се снајдам и ќе ви донесам. Ветувам, чесен човек сум. Се грижам, два дена горат од температура.”


Бабата веднаш почна да претура по нејзиното ќесе и почна да вади некои книжни пари. За тоа време додека сето ова се случуваше почна да се слуша цинично гласно смеење во позадина. Таткото не ја ни сврте главата, ги бришеше солзите, а најверојатно и навикнат е на таков цинизам. Децата почнаа да се смеат со него, со човекот што дрско им ја измеваше ситуацијата- затоа што се премногу мали да ја разберат ситуацијата.

– “Немале за лек! А да се размножувате можете, а? Абе да фати човек ништо да не ви даде, за ништо не сте способни, само за деца правење сте! Ајде мафнете ми се од тука, немам цел ден да ве чекам да се исплачете. Ај, фатете си го патот! Не ми глумете тука …”


Интересно како сите го изигнориравме неговиот коментар. Не му дадовме на значење. Го оставивме да си “хејта” на глас.
Бабата и јас доплативме за лековите. Се заблагодарија и си заминаа. Доаѓа на ред тој, средовечниот бизнисмен што се брза и цинично се смееше на туѓата беда и сиромаштија.

– “Лелееее немам 10 денари. Не ми се верува, картицата ми е во канцеларија, а кеш не сум понел доволно. Ехееееееј сте поскапеле малку, а?”


Во тој момент влегува едното дете и мафта со десет денарка!

– “Сте ни дале пари во ќесето? Тато рече да го вратам кусурот, дека не е наш!”

Мене ми доаѓа да плачам, а бабата веќе брише солзи.
Му повторува девојката на каса дека мора уште десет денари да доплати инаку ќе треба да се врати пак подоцна.
И тогаш детето се врти и му ги дава:

– “Еве чичко, на. Земи ги. Не се наши и така. На продавницата се. Дај им ги и ти да не чекаш. Оди си дома ако си болен да се излечиш побрзо како нас.”

Си помислив:
– “Болен е, ама на него душата му е болна.
Нема лек.
Ама денес животот му испиша лекција и му удри шамар.”

Автор: Мој Психолог