Зошто ни требаат нови луѓе



Автор: Драган Таневски


Нови луѓе и требаат на планетава. Луѓе што ќе знаат дека ниеден испукан куршум никогаш ништо не решил ниту пак некогаш нешто ќе реши. Луѓе што ќе знаат дека ниедна стисната тупаница не изгледа поубаво од братски испружена дланка. А од истото месо и коски се двете. Нови луѓе дајте нека се раѓаат. Луѓе што ќе знаат дека срце не служи за да се крши туку да се гали. Луѓе што ќе знаат дека среќните солзи се поубави од тажните, иако се направени од истата вода. Дека среќна солза кога ќе капне на земјата, се раѓа среќно и плодно дрво кое им дава храна на луѓето, сенка на уморните патници и живеалиште на животинките и птиците.

А тажна солза кога ќе капне на земја, се раѓа тажно и јалово дрво кое не само што не дава плод, туку ги заразува со тага и околните растенија, па и тие од тага овенуваат и се сушат. Дури и животинките бегаат од тажни дрва. Ни птица не слетува на нив, ниту гнездо свива таму. А многу се тажни дрва денес. И ако ме прашате мене – доста се толку. Затоа, дајте да се раѓаат нови луѓе на земјава. Луѓе што ќе знаат дека усните се направени од нив да капе мед, а не отров. И отровните, кажете ми, кој сака да ги бакне? Нови, нови и убави луѓе ни требаат да се раѓаат тука. Луѓе што ќе се соберат на купче и ќе ги искршат сите гранични премини и ќе ги избришат сите граници, дека од никого таму веќе не се плашат. Дека и во тие држави мајките родиле нови луѓе, исти како нив. Нивни браќа. Дека крвта не се прашува кој ти е брат, туку душата. Мајки, раѓајте нови луѓе. Луѓе што ќе знаат дека не треба многу за среќа. Луѓе што ќе знаат дека замоците не се попусто опколени со високи ѕидови и челични огради и порти. Опколени се затоа што некој толку многу грабнал од другите, па не сака никој да ѕирне таму и да си го препознае грабнатото, па да си го побара назад. Нови луѓе, поубави ни требаат, што ќе знаат дека во блиндираните возила се вози стравот. А стравот ги прави луѓето мали и грди. Иако не се создадени да бидат такви. Мајки, ве преколнувам, раѓајте нови, поубави луѓе, што ќе знаат дека убавото семе раѓа стократен род. Да се гордеете со нив и вие, па со полно срце и високо крената глава да покажете на своето дете и да кажете без трошка срам – ЈАС ГО РОДИВ!