Вистината има еден лик и мириса секогаш исто



Автор: Милена Лунеска


Лаго,
како засушен корен од нерасчистена нива
безмилосно ме фрли на мразот,
со мисла… што побрзо да скапам!
И замина… побегна…се сокри…
уплашена од калта во снегот…

на трагите твои!
По мирисот или ликот,
ладната земја ме позна,
ме прегрна со гордоста што тука запрела
да се одмори, од борбите,
со многуте, лаго, како тебе таквите!
Засрамена, признавам… понижена,
им ја соблеков тагата,
да ја видат болката… и раната од неправдата!
Сакав како мало дете да им плачам, да врескам и ечам,
но, нели….Вистината е храбра,
па, солзите цврсто ги стиснав во рацете,
да не паднат на земјата…
да не се роди омразата!
Ветрот ти ја одвеа, лаго, злобата
претесна беше за насмевката,
што студот на срцето ја облече,
да ме стопли…
да разберам и убавово во мислите да запишам…
од такви рани не се умира, ниту се паѓа на колена!
Ете и пркосот од градите ми излета,
како јунак ме подигна и низ земјата ко кокиче ме проникна,
над мразот повторно храбро да стојам, а да цутам нежно
и низ калта, со совеста чиста и душата бела!
Лаго, Вистината има само еден лик и мириса секогаш исто!