Виктор Филиповски награден како најдобар млад џез-музичар од „Катар ервејс“



Признанието Golden Oryx, што за достигнувања на полето на културата го доделува „Катар ервејс“, годинава му беше врачено на Виктор Филиповски, којшто изминатиов период се истакна како тапанар на повеќе состави. Авиокомпанијата, која што е поддржувач на Скопскиот џез-фестивал, во рамки на годинашното издание на манифестацијата го прогласи Филиповски за најдобар млад џез-музичар во Македонија.


Алтај Шабан, комерцијален директор на канцеларијата на „Катар ервејс“ во Скопје му го врачува признанието на Виктор Филиповски 

– „Катар ервејс“ е интернационална компанија, меѓу другото, годинава прогласена за најдобар авиопревозник во светот, меѓутоа, таа со гордост помага и на низа локални иницијативи, кои што ја збогатуваат нашата глобална заедница. Се надеваме дека оваа награда ќе му даде дополнителен поттик на Виктор, да продолжи по одличната патека како и досега, но и дека ќе инспирира нови генерации џез-музичари во Македонија – изјави Алтај Шабан, комерцијален директор на канцеларијата на „Катар ервејс“ во Скопје.


Виктор Филиповски е дипломец на џез-отсекот на музичката академија при факултетот „Гоце Делчев” во Штип. На истата институција моментно е магистерски кандидат, но и најмлад инструктор вклучен во наставата по џез-тапани. Изминативе години е особено активен на македонската музичка сцена, како тапанар во голем број состави, преку кои што во различни форми го прикажува својот огромен талент и разновиден стил. Тој е дел од изданијата на групи како џезерите „Фирс“, рокерите „Проект Орфеус“ и фанкерите „Барбарела“. Редовно настапува со искусни домашни и регионални џез-имиња како Васил Хаџиманов и Тони Китановски. 

Страни: 1 2