Утре почнува Баскерфест! Еве што ќе се случува



Се е подготвено за јубилејното издание на Баскерфест 2015. По 10 години овој фестивал прерасна во најурбаниот и најпосетуваниот уличен фестивал на Балканот со над 100 учесници од 50 земји во светот.


Оваа година локацијата на одржување е плоштадот Филип Втори (до Камениот Мост, кај музејскиот комплекс), со престави на два стејџа и Пивска Градина со настапи на музичари од Македонија, но и странски бендови.

Секојдневно од 18:00 до 22:00 ќе има уличен театар, жонглери, кловнови, шоу со оган, одење по жица, магионичари, брејкденсери и аниматори, а до 01:00, односно за викенд до 02:00 публиката ќе може да ужива во настапи во живо на македонски музичари, како и на гостите од странство. Нина Јанева, Дани Димитровска, Барбароса, The Hounds се само дел од изведувачите во Пивската Градина.


Годинава за првпат на Баскерфест ќе има и детска работилница за мали креативци. Секој ден од 18:00 до 21:00, најмладата публика ќе може да се едуцира и да се забавува во посебното катче каде што ќе другаруваат со баскер изведувачите.
baskerfest

Фестивалот во Скопје започнува на 12 јуни, а ќе трае се до 21 јуни. Напоредно со викенд отварањето во Скопје, Баскерфест ќе има и во Гевгелија и Кавадарци, а понатаму и низ другите градови во Македонија( Македонска Каменица, Битола, Берово, Велес, Крива Паланка, Охрид, Пехчево, Крушево, Виница, Радовиш, Кочани) се до 13 јули.


Време е за радост, време е за улична уметност.

10 години Баскерфест, 10 години забава во градот!