Ти си вредна и ќе создадеш повторно што и да си изгубила. И наместо да плачеш – оди и прослави со другарките …



МЕТА
Не се знаеме, ама ти ги видов солзите кукле. Тие што стојат на крајчињата од очите и се борат со тебе дали да капнат нанадвор или навнатре. Каде и да капнат ќе те изгорат, знам. Мене животот ме казни да ги гледам туѓите солзи уште пред да капнат. И да разберам. Не знам дали тоа нешто ти значи, ама навистина те разбирам. Знам дека ти е тешко. Се осеќаш сама и напуштена од сите. Ти се чини дека се е изгубено. Во себе ја бараш вината за твојата несреќа. Такви се чесните луѓе кукле… секогаш вината ја бараат во себе. Знам зошто е така. Многу им веруваш на луѓето. Себе се проектираш врз нив. Ги идеализираш. Ти се чини дека го заслужуваат целото твоето срце. Такви се искрените луѓе кукле… секогаш го даваат целото срце. Не ме прашувај од каде знам. Знам. Знам дека не секој вистински го заслужува твоето срце. Дури ни микроскопско делче од него. Некои од нив имаат изострен мирис за добрина. За нив добрината е етикета за жртва. Нешто како исцртана мета. Не се обидувај да ги разбереш кукле. Тие се сосема друг свет. Сосема друга сорта на суштества. Грабливци кои живеат за да повредат, уништат и здробат. Знаеш, на нив им е важна бројката на жртви. На лицето ставаат ангелска маска за да ја покријат сета таа грдотија. Ќе ги препознаеш по тоа што никогаш нема да те пуштат блиску до себе. Дека одблизу се осеќа нивнатата смрдеа. Смрдат на распаднато и расипано. И сега, кога некој таков те повредил и напуштил, размисли добро – дали ти направил штета или услуга? Дека останувањето со таков лик нема да те направи посреќна. Ќе тонеш се повеќе и повеќе, до степен да изгубиш вера во човечкиот род. Да посакаш никогаш повеќе да не се врзеш за некого. Да станеш самотник. И? Кој ќе биде тогаш победникот? Не! Дигни глава. Ако те повреди некој таков – сфати го тоа како лекција. Плати си уредно, колку и да чини. Не е се изгубено. Ти си вредна и ќе создадеш повторно што и да си изгубила. И наместо да плачеш – оди и прослави со другарки. Дека сега си дипломиран препознавач на изроди.
——-
Автор: Драган Таневски
Комплет Колекционер 1-5
999 со достава