Тетка Босилка се прости со суровиов свет. Умре на денот на среќата …Изгледа среќата е сепак …



И самата беше се уште дете. Помалото братче го носеше во едната рака а козата Белка ја влечеше со другата рака додека се прекачуваше преку Кајмакчалан заедно со една група бегалци. Мајка и ја застрелаа пред нејзини очи. Остана да лежи така загледана во небото, како да сака Творецот да го замоли за последен пат – “чувај ми ги пиленцата Татко. Нека се спасат барем тие. И дај им среќа, барем трошка повеќе од нас.” Босилка не стигна да и ги затвори ниту очите на мајка си, а камо ли да ја прегрне и бакне за последен пат. Куршуми фрчеа на сите страни. Некој само ја грабна за излитеното палтенце врескајќи – “трчај дете, спасувај жива глава”. Трчаше колку што ја држат нозете. Преку трупови од луѓе и животни. Убијците пукаа најчесто во мајките. Сакаа да предизвикаат хаос и што поголема болка. Пукаа и во кравите и козите. За да ги изгладнат децата. Носеа униформи, ама не беа војници, туку обични изроди и убијци. Во ушите на Босилка одѕвонуваа зборовите на мајка и – “трчај побрзо од ветерот и не се врти сине.” Првиот совет Босилка го послуша… но вториот не можеше. Се сврте. Се сврте за да си стави вечна и неизбришлива рана на детското срце. Последните слики беа нејзиното село во пламен и очите на мајка и загледани во небото. Запаленото село можеби некогаш и ќе го заборавеше, но очите на мајка и не ги заборави никогаш. Се до денес. Да, денес тетка Босилка се прости со суровиов свет. Умре на денот на среќата. Изгледа среќата е сепак резервирана за оние што не ја чувствуваат туѓата болка.


Автор: Драган Таневски