Тешко ли е да се биде жена ?



Tие кои за жените секогаш зборуваат добро, не ги познаваат доволно.


Оние кои за жените постојано зборуваат лошо, не ги познаваат воопшто” – G. Pigault Lebrun

Возможно ли е да се возвиши жената, а притоа да не бидам наречена феминистка?


Постои ли начин да се говори за понежниот пол, а да се негира дека воопшто постои посилен?

Ќе бидам ли неправедна ако критикувам неправда?

За неправдата која дури и денес, во 21виот век, сеуште постои и целосно не е искоренета. Неправдата која што е стара колку и човештвото, присутна насекаде, некаде повеќе, некаде помалку, но без исклучок на сите континенти и не познава етнички, религиозни или расни бариери-нерамноправноста меѓу жената и мажот.

Се бара дефиниција за жена….

-Жената како мајка….

Сестра ми стана мајка!!! И го промени сопствениот живот за животот на нејзиното дете. Се откажа од сето она без кое мислеше дека неможе. За прв пат ја видов толку среќна и прв пат ја слушнав како тажно плаче. Рече дека детето си го сака толку многу, што дури ја боли колку силно сака.

-Жената како пријател…

Со текот на созревањето научив како да препознаам вистински пријатели. И истите ги држам до мене. Тоа се луѓето со кои славам кога сум среќна и со кои ја споделувам тагата. Во последно време не можам да се препознаам себеси во мојот однос со пријателите. Сакам да ги заштитам, да ги држам до себе, сакам да бидат среќни, сакам се да ми кажуваат, сакам да бидам дел од се што се случува во нивните животи. Од заинтересирана станав нападна! Почнав многу да прашувам, не престанав многу да кажувам! И кога некој ќе ме обвини за ова, мене ме боли, ме боли толку што се лутам и на себе и на него.

-Жената како жена…

Во себевложувањето со балансирање, премолчување, сакање, силно сакање, одбивање, предавање, прикривање, насочување…во одбегнувањето на тага, карање, ставање крај, прикривање чувства, правењето на избор…Во улогата да се биде жртва, во сценариото да се биде чувствителна, во само една сцена да се биде и пријател и домакинка и мајка и психијатар и кловн….Кловн…Да се смееш кога те боли што нема да чуеш фала и извини.

Така е да се биде жена… Жената е воено поле на кое најчесто се водат најтешките битки. Битките со себе, со блиските, со околината, со општеството…А сите битки болат! Всушност, боли да се биде жена!