Автор: Драган Таневски
Пробувам да разберам какво задоволство наоѓаат луѓето во исмејување, гледање сеир, хејтање и слични примитивистички олимписки дисциплини. Мене сето тоа ми делува како едно големо незадоволство прво со себе. Нема поголем неуспех и поголема причина за несреќа од сопствената неспособност. Само два вида луѓе имаат капацитет да мразат. Првите се оние самобендисани „после-мене-потоп“ егоисти за кои целиот свет го собира во одразот на огледалото. Вторите се оние неспособни, мрзливи пикавци од луѓе кои ништо не постигнале во животот иако ги имале сите услови за тоа. Овие две групи на луѓе се способни да смислат најголема пакост за да ти наштетат. Зошто? Прво, затоа што го имаат сето време на светот. Второ, затоа што ти си сето она што тие не се. Затоа што си за десет глави повисок од нив. Затоа што животот бил суров кон тебе, ама си се изборил за својата позиција и успех. Секоја пофалба упатена кон тебе од благодарните луѓе, за овие две групи на хуманоиди е стрела во срце. Затоа, не се прашувај „што им згрешив“. Одговорот е – СЕ! Си им згрешил со тоа што среќата ја наоѓаш во градење на поквалитетни односи со луѓето. Подигање на свеста за чувствата на другите. За потребите на другите. Свесен си дека луѓето се машини кои работат на мотивација, и тоа им го даваш. Сеирџиите не го поднесуваат тоа. Па човече, разбери… ако некој не се сопне и падне, тие нема да имаат причина за постоење. Тоа е нивната храна – неуспешните обиди на другите. Дека тие на првото паѓање останале долу и сега им пречи тоа што ти запињаш да станеш и да се исправиш. Бела девојка се заљубила во црн дечко. Црна девојка се заљубила во бел дечко. Пресреќни се заедно. Е па хејтерите тоа ги убива во поим, Туѓата среќа ги боли ги кине. Па ќе истураат тони и тони отров против овие две деца кои си ја нашле среќата и смислата на животот. Тие погледнале зад бојата и ја виделе вистинската убавина. Е, ама тоа хејтерите и сеирџиите не можат да го разберат. Дека самите се длабоко осамени и несреќни. Самите никогаш не го почувствувале благородното чувство некого од срце да сакаш, и тоа да ти биде возвратено. А зошто? Зошто? Кој им го забранил тоа? Никој. Нивни избор било да се стуткаат себично и кукавички во својата кожа, да се напикаат во некое безбедно ќоше, и да не пуштаат никој да им пријде. Па како избезумени кучиња квичат и џавкаат по среќните и исполнети луѓе. Како да сакаат да украдат парченце од тоа богатство. Е ама тоа не се добива така. Љубовта бега од кукавици. За тоа треба да се стане од калта и да се порасне. Километар да се порасне. Сто километра да се порасне. Тогаш дури може да се разбере тоа што се оговара, плука и хејта, а всушност толку очајно се посакува. И откако ќе се разбере, со напорна работа евентуално и да се доживее.
—-