Таневски: На убавите раце не им ни треба злато – се што тие ќе допрат се претвора во злато



Можеш да наредиш алки и прстени колку сакаш.. некои со многу светкави камења, со многу карати… можеш да платиш најскап маникир, мајстор за нокти… ама тоа нема да ти ги направи рацете убави кукле. Ако сакаш да имаш убави раце, подавај ги често да кренеш некој што паднал… некој што под товарот на животот клекнал на колена. А човек не е створен да живее на колена, иако многу така одлучиле. Но ти сепак, крени ги таквите кукле, за да се потсетат како е да се биде човек. Ако сакаш да имаш убави раце, давај на оние што немаат. Нека не ти затрепери раката кога го правиш тоа. Дека тоа што ти ќе го дадеш, во срцето на луѓето се умножува, па започнува еден круг на добрина, кој сигурно некогаш повторно ќе се заврти накај тебе, само многукратно. Ако сакаш да имаш убави раце, прегрнувај со нив кукле. Ама не само затоа што сите тоа го прават, туку за да осетиш со рацете каде се луѓето скршени, па да ги составиш. Дека тежок е животот, и крцнува нешто во човекот. Ти биди исцелителот на таквите луѓе. Ако сакаш да имаш убави раце, гали со нив често. Бабичка, некоја измачена душичка на која тоа можеби ќе и биде единствената милост што ќе ја види тој ден. Дека тие најмилите бабички и деденца се најчесто потшутнувани, дури и од најблиските. Погали детенце, кутренце, животинче. Осети како живите суштества благодарно реагираат на твоите допири и прегратки. Ако сакаш да имаш убави раце, работи вредно со нив кукле. Вештите раце ќе те однесат пред кралеви и никогаш нема да се посрамиш. Убавите раце се украс кукле. Дури и кога на нив нема грам злато. И на крај, на убавите раце не им ни треба злато. Дека се што тие ќе допрат се претвора во злато.

Автор: Драган Таневски
www.dragantanevski.com/нарачки