Има едни луѓе, јас ги викам “пролет”. Нема врска кое годишно време е, они ќе ти го напраат пролет. Магли, смогови, мразови, вијулуци… нема влијание на нив тоа. Суши, пеколни горештини, џабе се мачат. Луѓето “пролет” се отпорни на тоа. Само да ти влезат во канцеларија или дома, и одма некако оживуваш, се раззаленуваш, процветуваш. А замисли тек во животот да ти влезат… Луѓето “пролет” можеби не се најубави ниту најинтелигентни. Но тоа не ти е ни важно, дека они се околу себе прават убаво и привлечно. Се радуваат на малите нешта и те прават свесен дека она што ти го сметаш за мало не е баш толку мало, и големото не е толку големо. Па одеднаш ти стануваат привлечни некои нешта што порано не си ги забележувал. Или ти стануваат неважни нешта за кои си го трошел напразно времето. На пример кога ти се чини дека цел свет е против тебе, тие доаѓаат како доказ дека не си во право. Само со своето присуство ти помагаат да сфатиш дека не ти е светот крив, туку најчесто една единствена личност, која станала целиот твој свет. Понекогаш се осеќаш како кактус, целиот со боцки од фрустрации и комплекси, а луѓето “пролет” ќе ти помогнат да сфатиш дека кактусот можеби процветува ретко, ама спектакуларно. Го дава најубавиот цвет на планетата. Па луѓето обземени од таа убавина, ќе заборават на неговите боцки и ќе го засакаат. Што е таа магија во луѓето “пролет” што ги прави толку посебни? Зар нив не ги загризал животот? Зар не биле изгорени од некој вулкан, разнесени од некој ураган? Напротив! Тие биле удирани, дробени, мелени и горени. Но одбиле да останат долу, заедно со црвите. Одбиле да се претворат во санта мраз или во пепел. Одбиле да прифатат улога на жртви. Наместо тоа, си насобрале во душата само добри семиња и ги сеат кај стигнат. Да, со семињата обично е така – штом допрат плодна почва – никнуваат. А потоа даваат добри плодови. Потребни му се на светов повеќе такви сејачи. Еве, на пример – ти.
—-
Автор: Драган Таневски
Колекционер 1-5
www.dragantanevski.com/нарачки
Таневски: Има едни луѓе, јас ги викам “пролет”. Нема врска кое годишно време е, они ќе ти го напраат пролет
Објавено на 04/01/2021