Не, не сум скромен. Ни најмалку. Шо да праам кога имам апетит за се што е добро. Ненаситно ми е оково за убави нешта, па то ти е. Не, стварно ич не сум скромен, што да се лажеме. Не можеш мене да ме држиш на трошки. Не, не, не, тоа на мравките дај им. А на мене, ако ме сакаш, дај ми се што имаш или марш од мојов живот. Дека јас правам баш така. Кога ќе ми легнеш на срце, давам се што имам. Или ич не се занимавам со тебе. Не сум ти јас како оние што ќе лизнат малку и си чуваат за после. Убавите нешта не се за лигавење, туку да ги загризеш јако, да ги зграпчиш, абе да ги голтнеш наеднаш. Тоа се моите инстикти и ништо не можам против нив. А знам дека има скромни. Си се чуваат себе по џепчињата. Си штедат од рацете, усните, срцето, кожата. И ги презирам таквите. Што ќе ми се бе на мене раце ако не гушкам со нив? Слободно исечете ми ги. Не, не… не може со тие работи скромно. Кога ќе ми паднеш во раце, ќе знаеш за што ти зборам. И те молам и ти прави така. Немој слабокрвно и килаво. Немој лигаво. Да, облекувај се скромно. Да, јади скромно. Ама љуби ненаситно.
—-
Автор: Драган Таневски
www.dragantanevski.com/нарачки