СВЕТСКИТЕ ВИЦЕШАМПИОНИ БИТРИКС ОРГАНИЗИРААТ НАЈГОЛЕМ ТАНЦОВ КАМП НА БАЛКАНОТ



Овогодинешните светски вицешампиони Битрикс, започнувајќи од 11 ноември, по четврти пат ќе го реализираат проектот Битрикс Танцова Лига. Станува збор за танцов камп кој според бројот на работилници ќе биде најголемиот камп одржан на Балканот.


Битрикс Танцова Лига е проект кој никна како последица на потребата да се создаде поквалитетна платформа за модерни танци кај нас, со цел навремено да се следат светските трендови во оваа област. Од таа причина, Битрикс поканија реномирани танчери и кореографи од неколку земји, и тоа: САД – Franklin Yu, Италија – Jun Quemado, Украина – Liza Riabinina, Швајцарија – Adrien Rako, Србија – Душан Костиќ и минатогодишниот победник на најголемиот светски натпревар во слободно играње – UKAY од Германија. Сите тие ќе одржат преку 18 работилници во Македонија на кои ќе учествуваат танчери од нашата земја, како и од други држави меѓу кои: Германија, Австралија, Грција, Србија и Косово.

Покрај нив, работилници ќе одржат и танчерите од Битрикс: Ивана Балабанова, Леонардо Хусеини, Стефани Пецалевска, Мартин Иванов, Ана Марија Темелковска и Јана Петровска. За време на овие работилници, кои ќе се одржуваат во просториите на “Jавна Соба” и “Кино Култура”, танчерите ќе добијат можност да бидат одбрани од двајца од гостите-инструктори за да учествуваат во перформанс создаден од нив, а истовремено, најдобрите дваесет танчери од целата лига ќе се борат за главната награда – спонзорство за учество на танцовиот камп “OMG” во Бугарија. Причината за создавањето на оваа можност во рамките на лигата, беше проблемот на недостатокот на финансии со кој се соочуваат младите танчери во Македонија, кога сакаат да посетат некој голем танцов настан надвор.


Страни: 1 2