Stop and think – кампања против дискриминација



Погледнете го овој самоиницијативен проект против дискриминацијата и стереотипизирањето на група млади луѓе под името ad hoc art skopje кои на многу креативен начин го изразуваат својот општествен бунт. Нивните стикери можете веќе да ги забележите по улиците на Скопје, додека видеата, сликите и пораките може да се најдат на нивнтата страна  http://adhocartskopje.org, како и на Youtube и социјалните мрежи. Како што може и од нивното лого да се забележи, тие сакаат да поттикнат "аха" доживување односно увид во еден сериозен општествен проблем. Еве што тие самите имаат да кажат за себе и за целта на овој проект:


 

Ние сме група на млади луѓе кои преку алатките на уметноста се бориме против сите негативни појави во општеството.  Сакаме промена и самоиницијативно почнуваме да ги рушиме бариерите кои оваа заедница ги има поставено. Ја користиме уметноста како креативен медиум за изразување и преку естетиката сакаме да ги постигнеме нашите цели. Овој блог е мини арт галерија каде што ги презентираме нашите дела со цел да ги направиме попристапни и поради самата природа на уличната уметност да им дадемe подолг рок на траење. Овде ќе го најдете се она за кое се залагаме и го земаме нашето целосно право да се наречеме активисти со оглед на фактот дека нашата цел е активно учество на младината во општеството.
 
 
Кампањата Stop & Think има за цел да ја подигне свеста на граѓаните во однос на проблемот со стереотипите, предрасудите и дискриминацијата. Користејќи го интернетот како најзастепен медиум во денешницата преку фотографии и видеа се обидуваме да ја оствариме зацртаната цел – изјавува оваа група која вели дека кампањата ги таргетира младите кои се иднина на ова општество, сите оние кои сакаат да живеат во средина каде што нема да бидат осудувани поради тоа што тие сеПогрешните перцепции за одредени човекови особини и конзервативноста на општеството во кое живееме беа главните причини кои не насочија да се посветиме на стереотипите и предрасудите кои се создаваат за истите. – додаваат тие.
 
Пред се, тие даваат објаснување за тоа што е стереотип како општествен феномен и како тој како таков влијае на општеството:
Стереотипите се мислење за специфична група на луѓе кои најчесто се наметнати од околината. Тие претставуваат катализатор за формирање на предрасудите кои претставуваат претпоставка за луѓе кои доаѓаат од различни социјални, национални и религиски позадини. Предрасудите се базираат на минимално или никакво предзнаење за личноста која е мета на предрасуда.
Предрасудата како појава ги разнишува односите во општеството и доведува до раздор меѓу луѓето, строга маргинализација, нетолеранција и дискриминација. Ова е длабоко всадено во нашиот менталитет и затоа ние како млади кои допрва се формираме имаме простор да прераснеме во слободоумни личности и да ги искорениме стереотипите и предрасудите од нашиот ментален склоп.
Тие оставаат одлична порака во овие нивни дела, како и во апелот до јавноста, објавен на нивната интернет страна: 
Општеството како целина е составено од многу единки кои имаат свој став, свои цели, интереси, особини и на тој начин подеднакво учествуваат во формирање на големата слика.  Затоа во врска со ова прашање индивидуалниот момент е многу важен.
Болната вистина е дека сите барем еднаш во животот сме биле мета на предрасуди или сме биле тие кои некогаш неосновано суделе за друга личност. Кога секој од нас би ги отворил очите и би ги проширил погледите кон светот и луѓето, тоа би резулитрало со менување на конзервативниот менталитет кој владее во нашата заедница.
Какво е вашето мислење за дискриминацијата и стереотипизирањето во нашето општество? Дали и вие некогаш сте биле жртва на стереоипизирање или дискриминација? Сметате ли дека начинот на овие млади луѓе е вистинскиот за да се разбуди свеста на широките маси?