„Stars Symphony“: Одржана прес-конференција за најголемиот музички спектакл на 20 мај



Денес, во просториите на арената „Борис Трајковски“, се одржа прес-конференција по повод најавата на спектакуларниот музички настан Stars Symphony, кој ќе се одржи на 20 мај. Концертот е во организација на Битолски Камерен Оркестар – IWConnect, и ќе понуди спој на најголемите поп и рок хитови од 80-тите и 90-тите години, како и настап на светски познатиот Шилер со нашиот оркестар.


На прес-конференцијата присуствуваа:

Владимир Димовски, организатор на настанот и основач на Битолски Камерен Оркестар и НУ Камерен Оркестар на Битола,
како и дел од изведувачите од првиот дел од програмата: Јана Бурческа, Ана Петановска и Горан Наумовски.
Виртуелно присуство имаше и самиот Шилер, кој испрати поздрав до публиката.


Јана Бурческа ја отвори прес-конференцијата и изјави:

„Добро знаете која е темата на денешната прес-конференција – целта е да го најавиме и потенцираме музичкиот спектакл што ќе се одржи на 20 мај во арената ‘Борис Трајковски’, со почеток во 20:00 часот. Станува збор за проект на Битолски Камерен Оркестар кој за многу кратко време ја освои публиката и стана препознатлив бренд. На проектот работи голем тим на музичари и професионалци. Со нас денес е и одговорниот за проектот – Владимир Димовски, диригент, организатор и креатор на оваа музичка приказна. На сцената, покрај Шилер, ќе настапат и моите драги колеги: Ана Петановска, Горан Наумовски, Андријана Јаневска, Наде Талевска, Полина Тасева, Викторија Лоба и многу други. Во однос на картите, би сакала да напоменам дека останати се уште мал број, па ги советувам сите заинтересирани да побрзаат. Билетите се достапни преку yournextevent и во Тобако Капаел. Очекуваме навистина спектакуларна вечер!“


Во своето обраќање, Владимир Димовски го истакна значењето на овој проект за македонската музичка сцена и додаде:

„Stars Symphony е продолжение на успешниот проект што минатата година беше реализиран на Стадионот Петар Милошевски во Битола – спектакл кој траеше 7 и пол часа, од 20:00 до 2:30 по полноќ, и беше проследен со огромен интерес од над 5.000 посетители. По барање на публиката, одлучивме ова уникатно искуство да го донесеме и пред скопската публика, во нешто поразличен формат. Концертот ќе биде поделен на два дела:

Првиот дел: MTV The Greatest Hits од 80-тите и 90-тите години, кој ќе трае 2 часа и 15 минути, со кратка пауза;
Вториот дел: Настап на Шилер, кој ќе настапи заедно со нашиот Битолски Камерен Оркестар.
Очекуваме уште еден врвен музички спектакл и со нетрпение очекуваме да ја споделиме оваа енергија со скопската публика.

Дополнително, Ана Петановска и Горан Наумовски ги споделија своите впечатоци:

Ана Петановска:
„Морам да изразам огромна благодарност до Владимир што повторно сум дел од овој проект. Многу ми е драго и чест ми е што учествувам. Овој пат ќе има уште поинтересен материјал во однос на репертоарот – мислам дека сите ќе се пронајдат во таа магија и носталгија, исто како и јас. Ова е едно одлично искуство каде што ги спојуваме МТВ хитовите и Шилер Симфонијата.“

Горан Наумовски:
„Голема чест и задоволство ми е што сум дел од овој проект. Битолскиот Камерен Оркестар и Владимир се големи професионалци и ентузијасти. Секој настан во кој сум бил вклучен со нив бил исполнет со позитивна енергија. Ова е тим од луѓе кои ја сакаат и живеат музиката, и сигурен сум дека сите присутни ќе ја почувствуваат таа енергија на концертот.“

Шилер во своето видео-обраќање до македонската публика додаде:

„Навистина ми е задоволство што повторно сум во Македонија, само десет месеци по мојата последна посета. Последен пат бев тука во јули, и сега сум повторно во Скопје и многу сум среќен што сум дел од овој неверојатен проект.
На прашањето дали ова ќе биде единствениот концерт или ќе има и други проекти, сакам да кажам дека се надевам дека ќе има уште многу концерти во Македонија, затоа што ја сакам земјата, ја сакам храната, ги сакам луѓето, и секако ја сакам музиката. Можеби во иднина ќе има уште шанси да се вратам и повторно да настапам, се надевам повторно со Битолскиот Камерен Оркестар, а можеби и други можности ќе се отворат. Секогаш сум љубопитен и сакам да патувам. Едвај чекам да се вратам овде повторно за неколку недели. Ви благодарам многу.“

Билетите се достапни онлајн на следниот  линк: https://yournextevent.info/event.php?id=138. За повеќе информации за настанот, посетете ги профилите на социјалните мрежи на Битолски Камерен Оркестар на Facebook и Instagram.