Ситниот човек со големо срце и добра душа наполни 100 години!



Најстариот жител на општина Гевгелија е Филип Петров, кој живее во гевгелиското село Петрово. Денес дедо Фиљо полни 100 години, добро се чувствува, кога ќе затопли излегува од својата куќа и чека гости.

Претставници на општина Гевгелија и на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа го посетија и му го честитаа роденденот. Се разбира, со торта и други подароци кои му ги подарија на стогодишниот Филип Петров, соопшти facebook страната на Општина Гевгелија.

По традиција, во Петрово живеат најстарите жители на општина Гевгелија, според кои планинскиот воздух и здравата храна се една од причините за долговечноста.

Другите причини ни ги кажа самиот дедо Фиљо. Вели, многу работа, ракија во мали количини, цигари никако а исто така за нервозата не треба да има место во вашиот живот доколку сакате да „доживеете стотка„.

Во текот на својот живот кој го поминал во селото се занимавал со разни занаети а го бивало и за одгледување на убава сорта грозје од која правел ракија за мерак.

Она што е најинтересно е што во далечната 1947, дедо Фиљо, кој имал завршено само четврто одделение направил своја сопствена мини-хидроцентрала на блиската Петрушка река, искористувајќи динамо машина која ја зел од еден германски авион кој паднал во близина на селото Петрово, од која добивал електрична енергија само за три куќи во селото.

dedofijo2