Добро утро, Моника. Ајде сега прилегни си, бидејќи се чувствуваш како отепана. Ако си прилегнеш цел ден ќе ти помине пред очи, а ти нема да го видиш! Станувај, пизда ти материна, се чувствувала како отепана, станувај да ги тепаш останатите со зборови, ајде. И така секој ден.
Си зборувам самата со себе, реков понекогаш, бидејќи ако речев секогаш ќе си помислевте дека сум ненормална, а мене и баш ми е гајле што ќе си помислите. Дали сум нормална, според вас, дали ги исполнувам вашите критериуми на нормален човек? Секако дека не, затоа што си зборувам самата со себе, не зборувам со вас, а кога некој не ви се обраќа, додека вие умирате да го стори тоа, веднаш е ненормален. Навикната сум, нема гајле.
Заклучивме дека сум ненормална, што правиме со сите нормални денес? Оние кои зборуваат само за другите, живеат за другите, пардон преживуваат и се грижат за се останато освен за себеси, мене ми е страв за нив, знаете. Штом зборуваат за другите (вклучувајќи ме и мене во тие другите), значи не си зборуваат со себеси (страшно), а штом живеат за другите, значи немаат свој живот или имаат али не им е доволно интересен за зборување, штом се грижат за се останато (вклучувајќи ме и мене), нека отидат денес да ми купат нови гаќи, се помочав од смеа кога видов дека се мочаат врз моите текстови.
До каде застанавме со мојот монолог? А да, заборавив да си кажам, дека не само што си зборувам самата со себе, туку и се карам понекогаш, на глас. Отварам дебата, развивам конфликт, се прашувам зошто се уште живеам тука, зошто се уште ги трпам сите околу мене, зошто не им се обратам на начин на кој што заслужуваат, па потоа да можам да се вклопам конечно во тоа нивно нормално однесување.
На крај сфаќам дека не сакам да сум нормална, се обидов еден ден да бидам нормална, беше тоа најлошиот ден од мојот живот. Си реков никогаш повеќе. Јас ќе си зборувам сама со себе и си бидам ненормална, а вие зборувајте за сите останати околу вас и бидете нормални. Но, запомнете нормалното секогаш е релативно. А на промени не се навикнува секој. Тој што не се навикнува на промени, умира уште пред да умре навистина.
Извор: zivamegumrtvite.com.mk