SEED го подобри трговскиот процес, SEED + дополнително ќе ја зголеми ефикасноста и ќе ги поедностави процедурите




Електронската размена на податоци (SEED), која постои од 2010 година, го подобри управувањето со границите на Западен Балкан, а надградената верзија SEED+ дополнително ќе ја зголеми ефикасноста и ќе ги поедностави процедурите, беше кажано на тематскиот состанок во Будва вчера. Во пракса, тоа ќе значи дополнително намалување на времето на чекање на премините, поедноставени процедури за инспекција, намалени формалности и помали трошоци.

На состанокот во Будва учествуваа претставници на царинските, фитосанитарните и ветеринарните служби на страни потписнички на ЦЕФТА, Европската комисија и италијанската царина, кои се воедно и партнери на проектот SEED.


Според Емир Ѓикиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, SEED+ е еден од најважните приоритети во ЦЕФТА, кој ќе вклучува размена на податоци меѓу царинските управи и сите агенции кои се занимаваат со царинење, а на крајот ќе се прошири и на трговија со услуги предвидени во Планот за заеднички регионален пазар. SEED+ ќе овозможи и воведување на е-сертификација, што ќе доведе до трговија без хартија во ЦЕФТА, која до неодамна се сметаше за далечна иднина.

„За мене е огромно задоволство што сум во Будва бидејќи сме сведоци на лансирањето на проектот SEED+ System. Очекувам дека имплементацијата на овој проект ќе резултира со голема и многу значајна промена во регионите на Западен Балкан и ЦЕФТА, во рамки на електронската размена на прекугранични документи и нивното меѓусебно признавање од страна на инспекциските органи. Планираната динамика предвидува во јуни следната 2022 година тоа да се види на дело.“ – рече Славица Кутиров, генерален директор на Царинската управа на Северна Македонија.


SEED одигра клучна улога во спроведувањето на иницијативата Зелени коридори. Генералниот директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување Мачеј Поповски рече дека зелените коридори во претходниот период ја покажале сета своја сила и важност за регионалната економска и трговска соработка.

„Ја имате нашата целосна поддршка да продолжите со достигнувањата на ова поле и да ги направите што е можно повидливи во пракса. Нема сомнеж дека заедничкиот регионален пазар има потенцијал да донесе огромни и трајни придобивки за сите граѓани на Западен Балкан. Регионалниот пазар е најдобриот пат за влез на европскиот пазар и Европската унија“, рече Поповски.

Како што истакна Владимир Ѓаковиќ, директор на Управата за безбедност на храна, ветеринарни и фитосанитарни работи, SEED+ е од клучно значење за управите надлежни за фитосанитарни работи. „Преку системот SЕED+ однапред ќе добиеме податоци за пратките и со тоа ќе добиеме можност поефикасно да располагаме со ресурсите, а дополнително преку овие активности ќе го подобриме системот за размена на податоци во согласност со нашите напори за усогласување со барањата на ЕУ во оваа област.”

Како ќе изгледа SEED+ во пракса

Имплементацијата на SEED+ дополнително ќе придонесе за поедноставен процес на инспекција и ќе ги намали формалностите во размената на податоци помеѓу различни администрации кога станува збор за транспортот на стоки.

SEED+ ќе вклучува две главни карактеристики – развој на CEFTA TRACES NT, дигитална платформа која ќе овозможи електронска размена на сертификати и надградба на сегашната SEED за царина.

CEFTA TRACES NT ќе овозможи развој и размена на фитосанитарни, ветеринарни и фармацевтски сертификати и документи за влез на членките на ЦЕФТА во согласност со европското законодавство и практиките на земјите-членки на ЕУ.

Тоа, исто така, ќе овозможи брза размена на информации за неусогласените пратки кои се однесуваат на безбедноста на храната и робата и ќе го олесни управувањето со ризикот од одбиените пратки.

Царинскиот SEED надграден во царински SEED+ ќе придонесе за поголема комуникација меѓу различните царински администрации во регионот и ќе придонесе за подобрена размена на податоци со позитивно влијание врз внатрешните регионални трговски процедури.

Крајните корисници на SEED+ ќе бидат министерствата за трговија, царината, ветеринарските и фитосанитарни служби и Јавните здравствени институти на членките на ЦЕФТА. Корисниците од сите членки на ЦЕФТА ќе бидат обучени за користење на новиот систем SEED+ и ќе имаат пристап до соодветна техничка помош и корисничка документација.