8 начини да си ја вратите самодовербата после развод



„Како да си ја вратам самодовербата после развод?“


– ова прашање често пати си го поставуваат девојките и жените кои решиле да стават крај на болниот брак. Факт е дека разводот е многу тежок период. Тој ги погодува и оние околу вас, а особено вашите деца, доколку ги имате, но и вашето поблиско семејство. Разводот во најдобар случај е проследен со депресија, разнишана самодоверба и потиштеност. Ова особено важи доколку сте имале бурни моменти исполнети со караници и несогласувања со сопругот.

samodoverba posle razvod


Но, не сте сами и не сте единствени што биле во оваа ситуација. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да си ја вратите самодовербата после разводот:

1. Зборувајте со некој


Прв чекор кон надминување на преостанатите емоции е да ги раскажете некому. Отворете се на некој кој му верувате и кој внимателно ќе ве ислуша. Најчесто пријателките се вашата најдобра психолошка потпора. Во овие моменти треба вистински да бидат тука за вас.

2. Бидете искрени и отворени

Кога веќе сте решиле дека ќе му раскажете некому, бидете отворени, кажете се` што ви лежи на душа. Иако во Македонија се` уште звучи како табу, можете да побарате и психијатар кому ќе му ја раскажете својата ситуација. Најважно е некој да ве ислуша – мора целата негативна енергија да ја ослободите. Ќе се чувствувате посмирено отпосле.

3. Водете дневник

Напишете го на хартија она што ви минува низ глава во моментот, таа трпи се` нели? Ова е докажан начин за преточување на енергијата и ослободување на умот. Напишете и каков сакате да ви биде животот, кон што ќе се стремите во иднина и како ќе стигнете до таму. Полесно е кога имате зацртана цел.

4. Запознајте се себеси одново

Често пати се случува да го загубите своето „јас“ кога сте во врска и да го замените со „ние“. Потребно е време додека да се пронајдете себеси повторно. Сетете се во што сте уживале најмногу пред да стапите во брак.  Ако сте сакале скијање, направете го тоа повторно! Оставете ја непријатноста зад вас. Прочитајте добри книги, излезете со пријателките, гледајте весел или мотивирачки филм!

5. Не се навраќајте на негативните мисли

Ако мислилте кои ги запишавте во дневникот не се позитивни (нешто од типот на: „Го мразам! Не ми се верува дека ми го направи ова.“), ќе забележите дека ако после некое време го отворите повторно, тие негативни мисли и емоции повторно ќе дојдат до израз. Секогаш кога ќе ги читате, во вас ќе се раѓа истото чувство! Затоа најдобро е штом ги напишете сите работи кои ве мачат, фрлете го дневникот! Исечете го, запалете го или фрлете го во канта. Треба да знаете и дека лошите мисли се таму, па така ќе ги оставите зад себе.

 

6. Запознајте нови луѓе

Кога некој ќе се разведе, пријателите многу често заземаат нечија страна. Особено ова важи за заедничките пријатели. Навистина непријатна ситуација би била доколку се конфронтирате со некого поради тоа што мисли дека вашиот поранешен сопруг „бил во право“. Запознајте нови луѓе! Сменете ја околината, ќе се зачудите колку рутински сте го живееле животот додека сте биле во брак.

7. Најдете нови интереси

Следен чекор е да си ја изградите самодовербата преку наоѓање нови интереси. Запомнете, напредокот е она што ги прави луѓето посреќни! Вклучете се во некоја нова активност или учете некоја нова корисна вештина. Особено се препорачливи физичките активности – јога или аеробик, па дури и некои источни боречки вештини.  Не заборавајте дека и ова е начин да запознаете нови луѓе 🙂

8. Помирете се

Конечно сфатете што се случило, и без разлика од која причина се случило, готово е. Продолжете понатаму со животот. Во крајна линија, добро е што постои развод како решение за лош брак. Замислите како би било да мораше да останете цел живот во брак со некој кој не го поднесувате повеќе? Оставете ја горчината да помине.