Само кога ќе ја осетиш таа љубов кукле, ќе знаеш за што сме пишувале ние будалетинките, сонувачите и безнадежните романтичари



Некој кукле, ќе ти се загледа во телото. Опседнат од прекрасната глетка, ќе заборави на се. Ќе се восхитува на твоите колкови, гради, прекрасни црти на лицето. Ќе го фали дури и Творецот за тоа колку си прекрасно создадена. Па ќе се насладува и ќе ужива во твоите убавини постојано. Но како и секое недораснато дете, откако ќе те разгледа од сите агли, на крај ќе се засити од тебе и ќе те фрли во некој ќош. Можеби некогаш и ќе се наврати пак на тебе за да си поигра уште малку откако другите играчки ќе му здосадат. Дека такви се децата кукле… играчките брзо им здосадуваат. А некој друг, ќе се загледа во твојата душа. Ќе ти ја здогледа оддалеку душата и ќе се заљуби во неа. Да кукле, оние кои се душа, се загледуваат во душа. И така загледан ќе сака целата да те истражи. А душа ко душа, малку е еден живот да ја истражиш и запознаеш целосно. Ама тој упорно ќе копа и ќе копа длабоко во твоите ризници и ќе се восхитува на сите тие убавини и скапоцености што си ги насобрала во себе. И ќе те засака со една поинаква љубов. Љубов која ужива во телесното, но оди и преку тоа, па ужива во бесконечноста на она другото, етеричното, езотеричното. Само кога ќе ја осетиш таа љубов кукле, ќе знаеш за што сме пишувале ние будалетинките, сонувачите и безнадежните романтичари. Ќе сфатиш тогаш кукле, дека телото и е дадено на душата, а не душата на телото. И човекот кукле, е она што е однатре. Неистражливото. Големото. Вечното.
Автор: Драган Таневски
—-
Колекционер 1-5
999 ден со достава