Решив да се омажам, да не останам стара мома


Да. Ќе се омажам, стара мома не бидувам. Повеќето мои пријателки стапија во брак. Оние што се уште не се омажени се во доооооолги врски. И тие натаму целат. Која од мажените цвета од радост (оние тазе мажените), која има проблем со сопругот оти многу трошел пари на коцка, која мака мачи со лоша свекрва, која живее во заедница, па има смешни проблеми со золвата, која се нервира со мажот оти и се запивал, која има маж кој не сака деца.. Голем дел од овие проблеми се гледаат и додека си во врска, нели?! Но, тие сепак решиле да се омажат. Свесно и самоволно влегле во нив.

Си велам оти многу јас пребирам. Многу барам? Можеби поради тоа што и многу давам. Не знам… Те ова, те она, се нешто мене не ми чини. Ме нервираат ситници. Да, ме нервираат. Успеав да раскинам пет годишна врска оти ме нервираше што не ги миеше нозете пред легнување и грчеше многу гласно. Еве ме сега во врска скоро година дена. И сега овој мојов не е совршен. Дури грчи повеќе од бившиот. Нозете навечер ги мие, но забите само наутро. Но, јас решив да се мажам. За него да се омажам.

Уште ли да лутам? До кога ќе барам совршен? Пријателкиве какви проблеми прифатија, јас видете за што ги оставам мажите… Тие ќе ги пратат децата на училиште, а јас уште ќе барам сродна душа. Можеби годиниве си го прават своето, може ќе се чудите, или ќе ме осудите, но јас сакам да се омажам!

Извор: За Убаво, напишал К.К