Првата љубов на вашиот тинејџер



Сигурно прв пат кога сте се вљубиле, ви се чинело дека таа љубов е таква како од филмовите, дека ќе трае вечно. Улогата на родителот во оваа ситуација е критична, бидејќи од една страна мора да покажете почит кон тоа низ што поминува вашето дете, а од друга страна секогаш треба будно да ја следите ситуацијата за тоа да биде безбедно. Како да се успее во двете одеднаш? Погледнете ги овие совети за полесно да ја разберете љубовната ситуација на тинејџерот:


Првата љубов на вашиот тинејџер

  1. Љубовта е реална само за оние што се во врската. Тие припаѓаат во заеднички свет, кој никој друг не може да го разбере во целост. Но, овие тинејџери не се возрасни. Мора да го запознаете момчето или девојката што е можно побрзо. Внимателно распрашајте се кое е тоа дете и проценете колку будно ќе мора да ја набљудувате нивната врска за да нема невољи.
  2. Тие се чувствуваат поврзано и се сигурни дека нивната љубов ќе трае вечно. Најверојатно тоа нема да се случи, но вие како родител мора да се однесувате како тоа да е така. Кога е соодветно, поканувајте го момчето/девојката во заеднички активности, кои вообичаено ги правите во рамките на семејството.
  3.  Вие не сте најдобриот пријател на вашето дете. И не се обидувајте да бидете. Однесувајте се како ментор кому може да му се доверат. И научете се да слушате, а не само да делите совети.
  4. Прашајте каде ќе биде излезен/а вечерта и со кој ќе биде. Ако се на домашна забава, побарајте ги броевите на родителите чие дете е организатор на забавата. Но, ова нека биде за секој случај, а не да се јавувате постојано, или уште полошо, нон-стоп да ѕвоните на мобилниот телефон на вашето дете. Така само ќе го засрамите.
  5. Немојте да ја потценувате нивната ситуација и да ги зафркавате. Ова може сериозно да ги повреди и целосно да се изолираат од вас. Контролирајте си ја смислата за хумор.
  6. Ако не сте зборувале отворено за секс досега, време е тоа да го направите. Задолжително објаснете му на тинејџерот кои и какви нешта може да сигнализираат несакани ситуации, како силување, на пример.
  7. Не се срамете да купите кондоми за вашето најмило. И ставете му крај на тоа табу.
  8. Охрабрете го вашето дете да ви се обрати секогаш кога му треба ваша помош. Без викање, држење лекции, казни и други „дисциплински мерки“. Доколку чувствувате дека е неопходно да се применат санкции, направете го тоа ден-два подоцна, и тоа откако претходно отворено и сериозно сте разговарале.
  9. Ако раскинат, однесувајте се како тоа да е развод. Бидејќи во суштина, нив толку многу ги боли. Пружете поддршка и не заборавајте да бидете добар слушател, но само доколку детето сака да ви се обрати. Не инсистирајте.
  10. Дозволете да се организираат забави кај вас дома. Купете грицки и пијалаци (безалкохолни :D). Бидете толерантни кон гласната музика, а децата би ви биле екстра благодарни доколку ги известите соседите во нивно име. Дозволете им на децата понекогаш и да бидат сами еден со друг – тие немаат друго прибежиште.
Родители, како се справувате вие со првата тинејџерска љубов?