Прославете го Светскиот ден на рециклирањето со трите „Златни правила”



Секој 18 март светот го одбележува интернационалниот Ден на рециклирањето, а овој датум го користиме за да ве потсетиме дека секој поединец може да направи разлика ако продолжи да ги прави вистинските работи. Интересот за рециклирање во нашата земја е во постојан пораст, што е добар показател за подигањето на колективната свест на оваа тема. За да бидете продуктивен помагател на рециклажниот процес, важно е правилно да рециклирате, а трите „Златни правила” ќе ви помогнат да научите како. Колкупати сте застанале пред обичниот општински контејнер и сте помислиле: „Дали правам нешто погрешно? Можеби дел од овој отпад не може да се рециклира”? Ако сте го направиле тоа барем еднаш, значи дека размислувате пред да фрлате, што е вистинска реткост во светот. А сѐ поголемата заинтересираност за одговорно рециклирање го повлече и прашањето за повеќе контејнери за одложување на отпадот кој секојдневно се создава. Со цел зајакнување на отпадната инфраструктура за одложување на стакло, како еден од најделикатните рециклажни материјали, Пакомак неодамна започна со имплементација на проектот „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан”. Проектот истовремено е активен во Србија и Босна, додека во нашата земја истиот го спроведуваат Германското друштво за регионална соработка (ГИЗ), Пакомак и Заединицата на единици за локална самоуправа на Република Северна Македонија (ЗЕЛС). „Покрај тоа што лично не’ радува дека се’ повеќе луѓе нашите простори решаваат да го рециклираат домашниот отпад, мора да заклучиме и дека ова е чекор во вистинската насока кога е во прашање подигањето на колективната свест. Како продолжение на зголемениот интерес се реализираат и низа активности во рамките на овој проект, меѓу кои поставување на соодветна инфраструктура на контејнери за одложување на стаклото во повеќе општини, на спроведување кампања за едукација на населението за важноста од селектирање на стаклото, и сето тоа со крајна цел зголемување на собраните количини на стакло и мотивирање на што повеќе луѓе да се приклучат кон овој процес”, изјави Александра Караевска-Димовска, претставник од ГИЗ во проектот. Често се случува некој да сака да се приклучи кон рециклажниот процес преку селективно одложување на отпадот, но едноставно не знае од каде да започне. Денеска, по повод Денот на рециклирањето, одберете и вие да се приклучите на глобалната иницијатива за почиста планета! А за полесен почеток, но и поголема ефикасност во процесот, секогаш може да се повикате на трите „Златни правила на рециклирањето” на Пакомак. Правило број 1: Сортирај го отпадот пред да го фрлиш! Почетокот е секогаш тежок, па затоа е важно најпрво добро да се организирате. Пред да го исфрлите домашниот амбалажен отпад, сортирајте го во трите главни рециклажни групи: Пластика, стакло, хартија. Правилното идентификување на отпадот ќе ви помогне да научите повеќе за рециклирањето, но е и клучно за да научите каков отпад се одложува во различните отпадни садови. Правило број 2: Научи што се рециклира, а што не! На прв поглед, пластиката е пластика и тука нема некаква филозофија. Меѓутоа, рециклажните погони разликуваат различни типови на пластика, стакло и хартија и ги прифаќаат само оние кои можат да се рециклираат. Пластичните садови и шишиња, хартиените чаши, ќеси и картони, стаклените шишиња и чаши, па дури и алуминиумските конзерви и лименки можат да се рециклираат и затоа треба да го најдат местото до вистинскиот отпаден сад. А кога сме кај него… Правило број 3: Најди го соодветниот контејнер за селективно одложување отпад! Третото и најважно правило е: Најди го соодветниот контејнер за рециклирање. Велиме најважен бидејќи дури и да се потрудите околу првите два чекори, доколку не го испочитувате третиот сиот труд ќе биде залуден. За среќа, Пакомак ви ја олеснува работата со тоа што секој од посебните контејнери има различна боја за полесно да го идентификувате типот на амбалажен отпад кој се фрла во него. Игло-контејнерите со зелена боја се наменети за стаклен отпад, жолтите правоаголни контејнери за пластика и лименки, додека во сините контејнери се одложуваат хартијата и картонот.