Тишината и тоа што немало кој да растура по дома ги мачеле 12 години. Но тоа се промени пред 12 дена Тројна радост и среќа за мама и тато, круна на нивниот успех, радост и за медицинскиот тим во првата приватна општа болница „Ре-Медика“, пренесува Нова Македонија.
Во домот на Катица и Живко Угриновски од Тетово конечно има врева. Тишината и тоа што, како што велат, нема кој да растура по дома ги мачеле 12 години. Толку години се борат со стерилитетот. Битката ја добија пред 12 дена, со раѓањето на Лука, Лана и Леон. Тројна радост и среќа за мама и тато, круна на нивниот успех во битката, радост и за медицинскиот тим во првата приватна општа болница „Ре-Медика“. Лука веќе е дома, а Лана и Леон се во стабилна состојба, но сѐ уште им е потребна поддршка од лекарите и од сестрите во болницата. Наскоро и тие ќе им се придружат на братчето и на родителите.
Дечињата се родени во 34-та недела од бременоста (1,9 килограм, 1,7 килограм и 1,5 килограм). Катица останала бремена со 14-тото инвитро, или вештачко оплодување.
– Пресреќни сме. Неколку години сме пациенти тука. Нашата борба беше долга, имавме неуспеси. Но успеавме да издржиме. Најблиските, доц. д-р Зоран Петановски и медицинскиот персонал не дозволија да ја загубиме волјата. Имаме и слога и љубов. Сега имаме и три сонца – вели триесет и двегодишната Катица.
Живко и Катица одлучиле имињата на децата да им почнуваат на иста буква. Таа се надевала дека ќе успее да издржи подолго со бременоста, но се покажало дека во 34-та недела е време за царски рез.
– Во седум часот прво го видов Лука, за една минута Лана, а за две Леон. Лука плачеше доволно силно за да се опуштам, да ми олесни, а морам да кажам дека Лана беше уште погласна. Кога го слушнав и Леон, на среќата ѝ немаше крај – раскажува Катица.
Живко не знаел дека сопругата се породува.
– Ми се јави, ми вели дека се породила, а јас збунет прашав кој се породил. Веднаш дојдов во Скопје да си ги видам и сопругата и децата. Инаку, оплодувањето се случи на празник, на контролата кога дознавме дека Катица е бремена исто така беше празник, а и се родија на празник, на Иванден – вели Живко.
Домот во Тетово е веќе подготвен за дечињата, а на родителите има кој да им помогне.
– Борбата е голема. Стресот исто така. Но нема ништо повредно и поскапо од децата – велат родителите.
Д-р Зоран Петановски, шеф на Центарот за асистирана репродукција во „Ре-Медика“, вели дека во долгогодишната, 20-годишна работа не сретнал луѓе со толкава енергија за да успеат и покрај толку неуспеси.
– Случајот ни беше предизвик поради патологијата, но ние сме елитен центар од кој се очекуваат вакви резултати. Мене ме воодушеви желбата на двојката за деца покрај толку неуспеси. Нивната приказна е приказна за болката, тагата и за очајот, но и за исконската желба во тие моменти да не се предадете и да одите повторно напред. Во мојата долгогодишна кариера не сум сретнал луѓе со толкава енергија за да успее по толку неуспеси и со толкава храброст. Тоа го покажаа и во моментот кога одлучија да ги задржат сите три плода и покрај мојот предлог да направам ембриоредукција на едниот плод. Затоа оваа приказна нека биде порака. Неуспехот боли, но полошо од неуспех е да се предадете – додава доц. д-р Петановски.
Извор: пинџур