Приказна која ќе ве разнежни: „Да му веруваш на дедо“



Автор: Драган Таневски


– Дедо, сакам да сум како тебе…

– Зошто синко?


– Те гледам како ти светнуваат очите кога баба ќе влезе во собата. Сакам и јас да го имам тоа. Се учи ли тоа бе
дедо?

– Синко, не научив јас многу школи, ама животот добро го научив. Тоа што го знам, тоа ти го кажувам… Некои луѓе мислат дека радоста е во многу жени. Тие се кукавици синко. Тие само земаат, а се плашат нешто да дадат. А ти, не се плаши да сакаш само една жена. Дека жената е рудник со секакви скапоцености.

Тие драги камења се скриени од оние кои сакаат да бидат со неа само за една вечер. Но еден добар рудар знае дека за најубавите дијаманти човек мора да се помачи. А вистинската жена секогаш ќе те наградува со скапоцености. Дека тие извираат длабоко од неа и колку подлабоко одиш, се повеќе ги има. Но мора да се бориш за неа синко. Како лав да се бориш. Да ја пазиш како капка водичка во сува земја. Земи ја во раце, стисни ја силно до себе. Не и кажувај дека ја сакаш… сама нека ти прочита во очите. Запомни, таа нема никогаш да биде сосема твоја ако ти не си сосема нејзин. И дај и слобода синко… колку е поубаво кога таа секогаш ти се враќа по своја воља. Никаков прстен и никаков документ не ја натерале, туку нешто во тебе… Заради тоа што те избрала ете баш тебе, затоа се враќа. Дека тоа невидливото јаже со кое се врзала самата за тебе, ја тегне назад. И колку е подалеку од тебе, толку повеќе ја стега… ја гуши и ја тера што побргу да си дојде. И се нешто ќе те прашува, колку да ти го чуе гласот. Да се увери дека и ти си тука за неа. Толку му треба на човек синко. Да знае дека има некој. И дека некој го има него.