Приказна која ќе ве насолзи: Тато, сакаш ли да станеш дедо?



Тато, сакаш ли да станеш дедо? – Автор: Драган Таневски

Тато, сакаш ли да станеш дедо? – го праша Александра својот татко кој сега требаше да има 70-тина години. Зборуваше на глас, иако беше свесна дека одговорот е сокриен некаде длабоко во нејзините гени, каде живее еден огромен дел од него. Со мислите се врати во најраното детство, исполнето со светлина, мириси и звуци кои некои ги нарекуваат едноставно – дом.

Од кујната се ширеше пријатен мирис. Мама Вера знаеше што најмногу сакаат нејзините две палавки. А тие беснееа по станчето, мислиш два диви ветра се бркаат по него. Понекогаш две фурии, а најчесто две развигорчиња.

– Напишавте домашно? – Прашуваше Вера
– Да мамо, еве види – се стрча со тетратката Александра. Црната косичка диво и паѓаше врз очињата.
– А ти Кики?
– Јас после ќе напишам, тато треба да ми покаже нешто.
– А вие пак сте се шминкале? Сите шминки ми ги истрошивте – се бунеше мама Вера. После се насмевна во себе кога си го замисли Јордан како и вели – „Па така ти е кога си раѓаш девојчиња.“ на што таа обично му одговараше – „ааа, па до мајсторот е“. „Немој сега и ти, доста на работа ме викаат дамски мајстор“ – се жалеше Јордан.

Е, да… дамски мајстор, ама добар мајстор. Да створиш дама не е мала работа. Потребен е џентлмен за да воспита дама. Да и всади вистински морал и чувство за исправно и погрешно. Да, да дамски мајстор не е мала работа.
Двете нестрпливки чекаа на прозорецот. Тато Јордан никогаш не каснеше. Се такмичеа која прва ќе го види, бидејќи на неа ќе и припаднеше честа да му ја отвори вратата и прва да го гушне.

„Ене го, јас прва го видов“ – викна Христијана, користејќи го моментот кога Александра конечно трепна. Јордан качувајќи се по скалите ги слушна малите чекорчиња од детското стампедо. За него немаше поубав звук на светот. Потоа, вратата се отвара и двете мали дами врескаат во некоја нивна хармонија – „тато дојдееее“ – две ноти кои ја сочинуваа најубавата мелодија што е некогаш напишана.

Страни: 1 2