Приказна која ќе ве наежи: Зеленооката и Клапчо



Автор: Драган Таневски

Во моето старо маало имаше едно куче со мистериозно потекло. Личеше на бушав вучјак со уши на кокер. Сите го викавме Клапчо. Којзнае каков генетски коктел носеше во себе. Ама беше неверојатно жилаво. Не се плашеше од дупло поголеми кучиња од себе. Неколку пати се враќаше искасано од чопор кучиња, ама Клапчо беше спремен батка. Се некако успеваше да извлече жива глава. Ги испраќаше соседите наутро кога одеа на работа. Потоа ги пречекуваше децата од училиште. За да не ги закача некој.

Одеше напред и само од време на време ќе се завртеше да види дали е се во ред. Сите му фрлаа по некоја корка или нешто што ќе им останеше од ручекот, ама никој вистински не го сакаше. Никој никогаш не го погали. Немаше дом. Преспиваше каде ќе стигне. Некогаш на минус дваесет ќе се стуткаше под некои скали. Сакаше да биде меѓу луѓето. Иако имаше шанси да се приклучи кон неколку чопори свои колеги мешанци, дури да им биде и алфа, сепак не го стори тоа. Луѓето ги сакаше. Ако они не го сакаа. Тогаш се роди таа една зеленоока убавица. Клапчо се затреска во неа. Почна да ги баталува другите соседи. Престана да ги испраќа на работа и да ги пречекува. Мораше да се грижи за едно бебе со зелени очи кои имаа некоја магија во себе. Таа зеленооката уште од бебе го погледна, ама некако посебно го погледна. Тоа беше тоа. Клапчо за прв пат осети некое чудно чувство во градите. Веќе не се делеше од количката кога мајка и ќе ја шеташе. Другите деца станаа љубоморни. Почнаа да го маваат со камења. Клапчо сепак не се откажа од нив. Никогаш не им залаја. ниедно дете не касна. Тие не можеа да разберат дека и кучињата имаат право да се вљубат. А тие кога љубат, љубат до последен здив. Не како луѓето. Не како нив.

Зеленооката прооде држејќи се за Клапчо. Кога ќе се измореше од тешките два-три чекори, ќе се фатеше цврсто за него малку да се одмори, а потоа продолжуваше да чекори. Наскоро чекорот и стана сигурен, и веќе немаше потреба од Клапчо. Но тие сепак останаа нераздвојни. Таа му намести чергичка под стреата на нејзината куќа за да има каде да преспие. Една вечер, дедо и на зеленооката во темницата не го виде заспаниот Клапчо и се сопна од него. Падна и си го повреди лактот. Во лутина, грабна една прачка и го истепа, а потоа го исфрли од дворот на клоци. Срцето на Клапчо се скрши. Кучешката тага не е како човечката. Кучињата кога тагуваат ниту јадат ниту пијат. Можеби не ни дишат. Дури и ако дишат, сигурно не го прават тоа намерно. Зеленооката си го побара миленичето, и кога виде дека не е на чергичката, почна да плаче. Не престануваше со плачење дури и попладнето. Вечерта веќе немаше глас за плачење, и само липаше. Не сакаше да јаде, ниту да пие млеко. Мајка и ќе и бутнеше со сила едно залче, но таа веднаш ќе го повратеше. Не можеа да сфати што и е. Татко и забележа дека постојано погледнува накај чергичката каде што спиеше Клапчо. Ја подигна на нозе и ја пушти да оди придржувајќи ја за рачето. Таа го однесе до чергичката, се наведна и се стутка врз неа. „Нана“ – рече – сакајќи да каже дека сака да спие тука врз чергичката, каде сеуште можеше да го почувствува мирисот на нејзиниот другар. Татко и сфати дека таа го бара Клапчо, и излезе веднаш да го бара. Викна неколку пати, и оддалеку слушна цвилење. Се стрча и го најде Клапчо целиот искасан од кучиња. На неколку места му фалеа парчиња кожа и месо и имаше изгубено многу крв. Кучињата што го искасаа беа кукавици, кои инаку се плашеа од него, но овој пат ја осетија слабоста и скршеното срце, и немилосрдно го искасапија. Клапчо не се ни бранеше. Немаше ни сила ни воља за тоа. Ете, некогаш и храбрите паѓаат изедени од кукавици. Татко и на зеленооката веднаш го завитка во крпа и со кола го однесе на ветеринар. Му ставија анестезија, му ги исчистија раните и го сошија. Ветеринарот се чудеше како Клапчо е воопшто жив покрај толкавиот губиток на крв. Рече – Ако преживее кучево, ќе биде вистинско чудо. Тие не знаеја дека Клапчо си го носеше своето чудо во срцето. Ги отвори очите и погледна наоколу. Не го виде тоа што го сакаше, па се загледа во татко и на Зеленооката, како да сакаше да го замоли да го однесе кај неа, барем за последен пат да ја види. Кучињата инаку не се плашат од смртта како луѓето. Се плашат само да не бидат одделени од оние што ги сакаат. Тоа им паѓа потешко од самата смрт. Татко и на зеленооката се сожали, ја испружи раката и го погали Клапчо. Го погледна во очи и му рече – „знам што сакаш… утре ќе ја донесам другарка ти. сега одмори се малку“

Другиот ден, ја однесе малечката во клиниката. Ветеринарот ги пречека со сериозен поглед. „Мислам дека нема да преживее… полека се гасне. Неколку пати престануваше да дише, но на некој чуден начин се враќаше повторно во живот. Тешко дека ќе ве препознае“ Зеленооката кога го здогледа вресна „ѓаѓо“ и го прегрна. Клапчо ги подотвори очињата и процвиле. Едвај ја подигна главата и со тешка мака го испружи исушеното јазиче да и ја лизне раката на малечката другарка. „Ѓаѓо“ – повторуваше малечката не испуштајќи го од раце својот повреден другар. Ветеринарот рече – „До сега одбиваше да јаде и да пие. Да се обидеме пак, можеби сега ќе сака…“ Клапчо голтна малку водичка и касна малку од паштетата што му ја принесоа. Малку по малку му се врати силата и испушти едно отсечно „ВУФ“ притоа правејќи изнемоштени кружни движења со бушавиот опаш. Ветеринарот и татко и на зеленооката се погледнаа. Им стана јасно дека чудото тукушто се случи.

Чудата не се сите оние технолошки пронајдоци, кутии во кои се сокриле мали човечиња што играат и зборуваат, или големите кучиња со тркалезни нозе како што кучињата ги доживуваат возилата.

Чудата понекогаш се една обична прегратка, лизнување со јазик, мафтање со опашката и едни длабоки, зелени очи.

Сосема доволно причини за живот и среќа.