Позитивното размислување е начин на размислување со кој го подига квалитетот на живеење и го подобрува начинот на кој го перцепирате светот што ве опкружува.
Секој од нас има избор дали ќе размислува позитивно или негативно, но во зависност од тоа што ќе одберете, тоа и ќе ве опкружува. Размислувајте позитивно и ќе уживате повеќе во животот, ќе се смеете повеќе, ќе бидете попродуктивни и ќе ви биде позабавно.
Идентификување
Позитивното размислување ги опфаќа следниве емоции: среќа, страст, слобода, љубов, ентузијазам, радост, верба, оптимизам, надеж и задоволство. Ова ги поттикнува чувствата на инспирација и охрабрување. Понекогаш треба свесно да го насочиме умот во таа насока и да идентификуваме кои нешта водат до ваква состојба.
Историја
Позитивното размислување како техника за личен развој стана многу популарна во изминатава декада, но во суштина не е нов концепт. Во XVII век, Џон Милтон, авторот на „Изгубен рај“, изјавил: „Умот е самостоен и моќен. Може да го претвори рајот во пекол, и обратно!“. Тоа би значело: дури и ако живеете живот за кој многумина ви завидуваат, сепак постои шанса да се чувствувате мизерно, доколку целиот ваш умствен фокус е негативен.
Теорија и верување
Постои верување дека „добрите мисли носат добри нешта“. Во голем број случаи тоа е така. Освен тоа, луѓето сакаат да веруваат дека на тој начин можат да дојдат до пријатели, добри односи во семејството, перспективна кариера, успех и љубов. Секој ги управува своите мисли, па според тоа имаме некое ниво на контрола врз околината која не` опкружува.
Размислувајте позитивно
Спротивставете и` се на тенденцијата да размислувате негативно, со тоа што ќе кажете нешто позитивно и вистинито. Ќе се зачудите колку можете да го смените гледиштето на нештата. На пример, ако си помислите: „Леле колку сум дебела…“, кажете гласно „Мојата коса е прекрасна!“. Избегнувајте вознемирувачки книги, вести, емисии и музика. Имате избор, гледајте на светлата страна и ширете позитивна енергија!