Потресна приказна од хирургија за четиринаесетгодишната Мина која е сираче



Автор: Драган Таневски


Колешката Маја од хирургија денес ми раскажа потресна приказна, госпоѓице Беба. Ми зборуваше за еден разговор кој го водела со една мала пациентка:
– “Мина, разбуди се, Мина…
– Готово е?
– Да сонце, операцијата заврши
– Докторке, а зошто плачете?

– Сонце, те молам прости ни. Не успеавме да направиме ништо. Болеста е премногу раширена. Те молам, те молам прости ни…
– Што сте вие виновна па да ви простувам доктор Маја?
– Ти дадовме лажна надеж…
– Докторке, сигурна сум дека сте дале се од себе. И тогаш нема што да се простува. Кога можам да си одам?
– За неколку дена… но каде би одела?
– Во домот.
– Остани тука ако сакаш Мина. Не мора да се враќаш во домот за сирачиња.
– Докторке, во тој дом сите живееме во надеж, а овде веќе не ми ја нудите. Освен тоа, со уште неколку другари и другарки се заколнавме дека ќе “посвоиме” дечиња од најмалите сирачиња. Јас веќе се грижам за две девојченца.
– Но ти си толку млада, имаш само 14 години, Мина.
– Доктор Маја, во домот се расте многу побрзо. И исто толку брзо се старее.
– Ти се восхитувам Мина… но што можете вие да направите кога и самите сте сирачиња?
– Докторке, сте слушнале ли за осаменост?
– Да, секако.
– Па видете, тој збор има поинакво значење во домот. Човек кога ќе сфати дека е сам на светот, напуштен од сите, дури тогаш може да го разбере вистинското значење. Кога навечер ќе се угаснат светлата, се слуша едно сосема тивко, а толку мачно липање. Така липаат само напуштените, докторке. А јас сум решена да бидам утеха на таквите. Никој не заслужува така да липа. Не знам уште колку денови живот имам, но во сите нив ќе бидам нечија утеха.”
Госпоѓице Беба, јас навистина сум уверен дека школите на животот доаѓаат од најразлични професори. Некогаш дури и од една четиринаесетгодишна Мина, сираче. Горд сум што постојат такви професори. Сега знам дека никој не заслужува да биде сам. Знаев и досега, ама никогаш волку силно. И јас како малечката хероина Мина, сакам да бидам нечија утеха. Доста му е на светот од беспомошно липање. А понекогаш ќе поминам покрај вашиот прозор откако ќе ја изгаснете столната ламба и можам да се заколнам дека слушам липање. Смеам ли да ви бидам утеха, госпоѓице Беба? И јас како и Мина, не знам уште колку денови ми остануваат, но сакам во сите нив да бидам нечија утеха. Ваша утеха.


Продолжува …