Големи ти се очите кукле… тоа ти е грешката. И затоа си несреќна. Дека големите очи во се гледаат големо. И малото, и ситното, и скржавото. А ти мислиш ако ти си спремна да даваш се од себе несебично, дека и другите би дале? Офф бе кукле, кога само би било така. Ти би го дала срцето, знам. Ама не секој би го зел. Дека за толку големо срце ќе мора скапо да плати, а секој не сака така. Да да, со своето срце ќе треба да плати, ама срам му е да го извади од гради, дека малечко. Што да ти даде, гравче? Ги плашиш со твоето големо срце кукле, како не ти е јасно. Затоа загледај ги добро луѓето во очи пред да им го треснеш срцето на послужавник. Загледај се добро, ако има големо срце, ќе му ѕирка низ очите. Да, да, загледај ги добро тие очи. Дека ако има две, мора двете да се вперени само во тебе. Помалку од тоа – множи со нула. И разбери веќе еднаш. Порано никаквите луѓе, мизерните луѓе, нечесните луѓе ги нарекувавме изроди. Сега, во овој погрешен свет, за жал таквите како тебе го носат тој епитет. Ама баш ти е гајле, ти сепак остани си ретка. Дека она што го има многу, нема баш и некоја вредност.
Автор: Драган Таневски