Петте круга до женското срце



Автор: Драган Таневски

Некои веруваат дека патот до женското срце е права линија која води од нејзините очи до некој си таен центар во мозокот задолжен да кажува „да“, „не“ или „можеби“, а ние го нарекуваме „срце“. Но, реалноста е сосема поинаква. Во принцип, на тој пат стојат пет круга. Нешто како барикади, ѕидини, тампон-зони опколени со бодликава жица низ која е пуштен висок напон. Капиите се масивни и тешки, обезбедени со стража наоружана до заби.

Прв круг – нејзиното внимание.

Овој круг го поминуваат поголем број луѓе. Не е услов некој да биде со привлечна надворешност. Доволно е на некој начин да го привлече нејзиниот фокус. Можеби некое добро дело, одличен став кон животот и социјалните случувања, или некаков талент, можеби уметност, хумор или отворен ум. Дури и некои повлечени и не толку експонирани личности можат да го поминат првиот круг. Во нив сигурно имало нешто што ги активирало инстиктите на жената, па дозволила влез во зона еден.

Втор круг – нејзиното време.

Овој круг го поминуваат оние кои на некој начин покажале дека се вредни за почит. Некои кои покажале спремност да делат од своите поседи, било да е тоа време, енергија, или други нешта, но не секогаш материјални ствари. Можеби покажале повеќе внимание и нежност од другите од толпата што го поминалe првиот круг. Едноставно, на некој начин станале заслужни таа да им посвети дел од своето време.

Трет круг – нејзината луцидност.

Овој круг го поминуваат релативно мал број луѓе. Таа не е спремна да ја открие својата луцидна страна на секого. Оние искрени кикотења од дното на белите дробови нема да ги чуеш никогаш, ако таа не е сигурна дека и твоите кикотења се баш така исто искрени како и нејзините. Заедничките глупирања се најубавите моменти од градењето на една врска. Воедно, тоа се и први вистински конекции од траен карактер. Во тој период се оформуваат и првите хемиските процеси на взаемна зависност. После оваа фаза, нема веќе назад.Или ќе останете другари за цел живот, или ќе продолжите кон следниот круг.

Четврти круг – нејзината мрачна страна.

Во овој круг ќе влезат само најиздржливите. И не, нема да го издржат сите. Мрачната страна спаѓа во најдлабоко чуваните тајни на една личност. Се споделува ретко. Но не може да се помине во наредниот круг доколку не се издржи. Искрено, само врските кои ја надминале оваа фаза имаат реални изгледи да траат. Мрачната страна го содржи минатото, грешките, скриените ставови и сите оние обележја на една личност што не и даваат сон. Сите оние сеништа со кои се бори самата и понекогаш паѓа распарчена во таа борба. Потребни се вистински мотивирани типови што ќе ја соберат парче по парче и ќе ја состават внимателно, без збор. После овој круг, работите добиваат свој тек. Оние кои нема да го поминат овој круг, можат да станат вечни непријатели, запамтени како најголеми кукавици. Четвртиот круг е тежок за поминување, ама тоа не е крајот на борбата. Запознајте го последниот и најтежок круг.

Петти круг – нејзините емоции.

Овој круг е последната бариера до нејзиното срце. Ако неколкумина успеале да влезат до него, повеќе од јасно е дека само еден ќе го помине успешно. Другите ќе останат вечно заробени во последната тампон зона. Можеби ќе најдат утеха во некоја друга, но таа секогаш ќе биде само замена, и можеби само бледа сенка на онаа вистинската. Постојат легенди кои велат дека некои успеале да се извлечат од трајните последици кои им ги нанела борбата, но до ден денес никој не објаснил како го направил тоа. Петтиот круг е кругот на вистинска конекција и целосно прифаќање. Уште е наречен и круг на соединување, станување едно. На само чекор од нејзиното срце се наоѓа и последниот испит – целосно соголување. отварање на тајниот патент на душата и нејзино целосно ослободување. Душите, така ослободени се испипуваат и се вкусуваат една со друга, си играат, летаат така слободни во паралелен универзум, игротека за души, или како ли веќе го викаат тоа место кај што душите се слободни од сите можни товари и окови. Душите кои најуспешно ќе се спојат, обично остануваат така споени засекогаш. Тоа, иако личи на игра, всушност е многу сериозна работа. Вечност е во прашање. Таа зона е ослободена од материјалното. Ослободена од долгови и побарувања, од сите мракови и сенки. Само такви души сосема ќе се спојат.

По петтиот круг, последната капија конечно се подига. Срцето на жената е твое. Тоа не е мала работа. Тоа е жива материја која пулсира во твоите раце и со секое треперење ти создава бранови на задоволство. Не се опишува со ниеден човечки речник чувството да се држи такво нешто во раце. Сега, кога веќе си го добил, ја имаш и најголемата обврска да го пазиш. Лесно се крши, само да знаеш.