Неколку реченици за сите оние кои бараат некој што ќе ги разбира



Автор: Драган Таневски


Некој ќе рече – ми треба некој што ќе ме разбира. Пффф… не сме ни свесни колку малку е тоа. Дури и малку себично звучи. „Некој да ме разбере“ – а извини, што тоа некој треба да разбере? Зар тоа што си, не се гледа на твоето лице, очи, усни, говор на тело? Искреноста не бара некој да ја разбере. Искреноста разбира.

Комуникацијата се одвива на повеќе нивоа. Енергиите се тие што го диктираат степенот на отварање. Степенот на конектирање. Колку се посилни енергиите, толку поелементарни стануваат луѓето.


Конектирањето на такви, елементарни нивоа, доведени до степен на простодушност е вистинскиот таргет. Тоа, само по себе треба да ни биде и единствена цел. Да се споиме што подлабоко, во коренот на нашето битие. Тогаш нема потреба од никакво разбирање. Мислите слободно струјат низ составените души, ослободени од секакви догми, форми или правила. Тогаш се црта со слободна рака. Тогаш се постои во нова, заедничка димензија. Се гради нешто заедничко, нешто шарено, блесаво, свое.

Да станеш едно со некого е врвна цел на секоја врска. Но, да станеш едно со некого, мора прво да се ослободиш од сопствените ограничувања. Да заборавиш се што си научил. Да престанеш да се натоваруваш себеси и другите со некакви очекувања. Очекувањата и споредбите се терминатори и предатори на секоја врска.


Не барај идеален партнер. Најди партнер што ќе биде спремен да се соголи исто како тебе, за потоа да се напикате во еден пар фармерки и маица. Најди партнер што ќе биде спремен да го избрише „Јас“ за да го напишете заедно новото „Ние“

Да станеш повеќе он. Да стане повеќе ти. А тоа не е само разбирање. Многу повеќе е.