Некои велат ветено срце еднаш, втор пат не бидува …



О, мило мое
Некои велат
Ветено срце еднаш
Втор пат не бидува
И птица пуштена на слобода
Во ист кафез не се враќа
Други пак велат
Една згасната љубов
Се смее погласно од сите останати
Исто како што
Ние бевме среќно несреќни
Посилни од сите молитви и проклетства
Во купишта насобрани
Ах, мило мое
Во градите ти е распослан восхит
Во душата носиш покорувачки ноќи
А близу срцето ладнокрвен галеж
Со погледот креваш врева
Барајќи наклон за твоето доаѓање
Ти господин-човек
Со попатен немир кој изгрева во мене
Колку ли си само незаситен?
Љубопитен трагач со рецитал
На една стара, добро позната симфонија
Која и ден денес ми тежнее
Ене онде, некаде јужно од душата
Ко вжештена лава
Од штотуку ерупиран вулкан
Кој оддамнина е изгаснат
Ах, мило мое
Телото ти зборува
А в очи веќе ја рецитираш
Ја носиш мојата кревкост и слабост
Мојот пораз и беспомошност
О, мило мое
Колку само проклето добро го правиш тоа
Секогаш го љубев тој миг
Кога некаде помеѓу градите
Отчукуваат божји вистини
И почнува да се разнесува тишина
Преку која скришно се влегува
Во некои други слоеви на разумот
Таму
Како ништо да не се сменило
И времето запре
И ете сме онаму
Потпрени на аголот од нашата уличка
Со дланките ми ги откриваш очите
Над кои нависнале прамења коса
Колку ли се само насмеани
Ко цел свет да се огледува во нив
И срцево само ти се оддава тебе
И в миг здивот ми запре
И душава да отпочине застана
Не поместувајќи се никогаш повторно
О, мило мое
Вистина толку многу го љубам тој миг
Таму сме сокриени
Небаре како
Во ковчеже од невидливи тајни
И таму сеуште постоиме
О, мило мое
Велат ветено срце еднаш
Втор пат не бидува
А моево тебе в аманет ти е оставено
Да биде твоја амајлија за навек.


Автор: Стојановска Ружица