Не е он за тебе кукле… Не ми викај дека има убави очи…



Не е он за тебе кукле… Не ми викај дека имал убави очи… пффф, ако не гледаат само во тебе, убави ли се стварно? Имал добро тело… кажи ми, ако не затрепери, ако не се наежи, ако не се затегне како стрела кога ќе го допреш, убаво ли е тоа тело, м? Што е поразлично тогаш да речеме од обичен камен? Имал убави усни… оффф мори кукле. Како да ти кажам, и бонбончето е убаво, ама само ако не шета од уста на уста. Или кога ќе ми речеш дека имал добро срце… разбери еднаш… ако се посадиш таму а никако да никнеш, убаво ли е тоа срце? Ти велам, само плодно срце е добро срце. Во вистинско срце кога ќе никнеш, ќе знаеш кукле. Корен до дното на душата ќе му пуштиш и ќе го обземеш целиот. Од очи ќе му растеш, од усни ќе му растеш, од секоја пора на телото ќе му растеш. Оддалеку кога ќе го видат, ќе им светнат очите за миг ама веднаш потоа разочарано ќе речат – “убав е, ама џабе… нејзин е”.


Автор: Драган Таневски