Во организација на Фондација “КАНТАРОТ” во сабота 21 мај, се одржа првата научната конференција “Наука за деца”, а тема на конференцијата беше популаризација на науката меѓу децата.
Во претпладневниот дел на програмата стотина дечиња учествуваа во серија работилници водени од искусни македонски научници. Во прекрасна атмосфера, исполнета со возбуда и љубопитност, децата на интересен начин се запознаа со различни научни концепти, како Магијата на магнетите, изработуваа свои холограми, a во рамки на секцијата “Илјада Зошто, Илјада Затоа”, имаа можност да им поставуваат прашања на директно на научниците.
Научниот дел од конференцијата опфати две панел дискусии кои што родителите, наставниците и пошироката јавност можеа да ги следат преку online stream во живо.
На панелот “Учење низ игра”, д-р Тања Павлевска, д-р. Менка Стојанова, д-р Бојана Стојанова и м-р Маја Виденовиќ, дискутираа како користењето на концептот на “игра” може да го направи процесот на учењето интересен за децата.
На втората панел дискусија на тема “Технологијата и иднината на учењето”, Д-р. Петар Поповски, Нина Геометриева и Д-р. Андреј Ристески, говореа за начините на кои новите технологии како 5Г и 6Г, виртуелната реалност и вештачката интелигенција, во иднина ќе влијаат на едукативниот процес.
На коктел забавата по повод конференцијата донаторите, претставниците на медиумите и на научната заедница имаат можност да испробаат интересни “експериментални” коктели, десерти со течен азот, молекуларна кујна итн.
По повод конференцијата, Проф. Никола Стиков, еден од основачите на фондација Кантарот, изјави – “Популаризацијата на науката меѓу децата е една од главните цели на нашата фондација, а освен конференцијата, фондацијата подолго време работи на оваа тема и преку креирање на едукативни видеа кои децата можат да ги гледаат на нашaта веб страна https://naukazadeca.mk/. Инаку, преку иницијативата С(ц)иеста, соработуваме со мрежа од преку 300 македонски научници од целиот свет и на овој начин фондацијата ги спојува капацитетите на нашата научна заедница, со нашата мисија љубовта кон науката да се пренесе на следните генерации. Самата конференција беше финансирана со crowdfunding модел т.е. со микро-донации од научната заедница и од јавноста, а комуникациски партнер на конференцијата беше Публицис Групацијата. По одличниот старт оваа година и исклучително позитивните реакции од јавноста, од децата и од родителите, имаме огромен ентузијазам да размислуваме како следното издание на конференцијата би го направиле уште поинтересно за сите“.